Во гасењето на пожарите вклучени 1.500 војници и 588 полицајци
Во изминатите десетина дена од избувнувањето на пожарите, 1.500 припадници на Армијата се вклучија во справувањето со огнената стихија, како и 588 полициски службеници.
Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 7 часот вчера до 7 часот денеска, во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Македонија, од страна на МВР биле ангажирани околу 588 полициски службеници, реализирани 222 мото-патроли и користени 175 возила, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од Министерството посочуваат дека деноноќно на терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка, кои несебично помагаат во гасење на пожарите.
– На 09.08.2021 година поднесена е една кривична пријава од СВР Струмица во врска со пожар настанат на 08.08.2021 година, кај крстосница с.Дабиле-село Сачево, против Д.К.(30) од с.Баница, за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 09.08.2021 година, во полициското одделение Велушина-Битола, во врска со пожар кој настанал на 09.08.2021 во атар на село Кишава, на службен разговор во полициска станица биле повикани четири лица на возраст од 21 до 27 години, сите од село Кишава и се работи на расчистување на случајот, се наведува во соопштението на МВР.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Посочуваат дека неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.