Во Берово има луѓе и што се враќаат


Берово – Викторијан и Душица Муцунски се млад брачен пар. Урбани млади луѓе од урбаното Скопје. Град во кој Викторијан се родил пред 23 години, додека потеклото на Душица е од Делчево. Пред една година тие донеле една, за наши прилики, многу неверојатна одлука дека ќе ја напуштат метрополата за која сонуваат најголем број млади во државата и дека семејното гнездо ќе го преселат во Берово, во малиот град на истокот од државата од каде што многумина се иселија. Викторијан дипломирал на Факултетот по туризам и економија, неговата сопруга Душица е магистер по право.
„Пред една година донесовме одлука дека ќе живееме во Берово од каде што потекнуваат моите. Годинава таа едногласна семејна одлука ја реализиравме. Го продадовме станот во скопски Аеродром, си ги спакувавме сите работи кои ни беа потребни и заминавме во Берово. Моментално живееме во куќа на нашите постари, зедовме плац и од идната пролет започнуваме да градиме куќа за идната есен да се вселиме во неа“, вели Викторијан.
На нашето прашање што не им се допаѓа во Скопје, а што привлечно најдоа во Берово, Викторијан дава ваков одговор.
„’Виновник’ за сето ова е мојот дедо Слободан кој секој викенд ме носеше во своето родно Берово и ми ги промовираше убавините на животот во мало место. Подоцна и самиот сфатив дека менталитетот на луѓето во Скопје и во Берово е многу поразличен, тука секој ти подава рака и во миг ти станува пријател, што не е случај во главниот град. Одлуката за преселба ја забрза и лошиот квалитет на живот во Скопје, загадениот воздух, проблемите во сообраќајот. Кога таму имаше епидемија од морбили, во Берово немаше ниту еден таков случај, во голем град има и повеќе насилство, а во Берово такво нешто нема. Тука е и најважниот факт што ние имаме петмесечен син чие растење во здрава животна средина ни е најважно“, појаснува Викторијан.
Викторијан сега работи како менаџер на познатиот хотел „Манастир“ кој е на нивната фамилија, а Душица засега се грижи за синчето. Тие имале убава работа и во Скопје, но одлучиле дека тоа не е нивна опција.
„Берово е феноменално место, а јас сум сигурен дека ни претстои обратен процес, дека многу млади луѓе ќе осознаат дека животот во помало место како ова во многу важни сегменти е подобар. Тука нема никогаш магла, воздухот е прекрасен, летата не се пеколни како во големиот град, со секој на улица си на ‘добро утро – добар ден’. Во Малешевијата храната има сосема поинаков вкус од онаа во Скопје зашто тука сѐ е природно“, укажува Викторијан.
Тој оценува дека приказните според кои од Берово сите се иселувале баш и не биле сосема вистинити. Според него, има заминување од Берово не во толкав обем. Вели дека ако од ова мало место тројца заминат, тоа веднаш ќе се почувствува и за тоа ќе се говори и пишува, што не е случај со поголемите места. Појаснува дека тој и неговата сопруга со својот пример можат да повлечат нога, но тука треба да помогне и државата. Берово како мала општина треба да има шанса за стопански развој, пред сѐ во она што е негова предност, а тоа на прво место е туризмот кој зема замав, дрвната индустрија, тука е и можноста за отворање фабрики кои суровината ја имаат во илјадниците хектари шумско овошје, билки, во фабрика за преработки од преслаткиот беровски компир.
Видувањето на нашиот млад соговорник е дека младите чиишто корени се од малешевскиот крај треба барем еднаш месечно да доаѓаат тука. Така тие ќе ја видат, ќе ја осознаат убавината на животот во местото на нивните предци, а некои од нив ќе донесат одлука како што е одлуката на Викторијан и Душица.
Дека и во тоа има вистина, покажува еден друг пример. Млад човек исто од Берово дипломирал на Рударскиот факултет во Штип. Бил примен на работа во рудникот „Саса“, добил одлична плата, но по некое време одлучил дека тоа не е за него, па се посветил на сточарството. Сега тој во Берово има голем сточен фонд од кој прави млечни производи кои однапред се распродадени.

Иван Бојаџиски