Во Австралија по 25 години најдена желка која дише преку задникот


Научниците по пат на анализа на ДНК од примероците од водата во северен Квинсленд, Австралија открија дека на тоа подрачје во моментот, се наоѓа вид желка, која по потреба, може да дише низ задникот и која последен пат во тоа подрачје е видена пред повеќе од 25 години.

Стручњаците од Универзитетот „Џемс Кук“ анализирале ДНК од примероци од реката Бурдекин, и утврдиле дека таму на повеќе места живее таканаречената Ирвинова желка. Овој водоземец го добил името по познатиот, сега починат, зоолог Стив Ирвин и неговиот татко Боб.

За потсетување, Стив Ирвин е австралиски зоолог и телевизиска ѕвезда. Тој почина во 2004 година по напад од морска ража. Беше познат по документарниот серијал „Ловец на крокодили“.

Под вода дише со задникот

„Добро е да се знае дека уште ги има на ова подрачје“, вели Демиен Бароус, водач на истражувањето од Центарот за тропски води и водени екосистеми.

Боб и Стив Ирвин на почетокот на 1990-тите ја открија оваа желка (E. irwini) во сливот на реката Бурдекин. Специјална е по тоа што може да дише преку задникот, односно за дишење под вода ја користи клоаката (аналниот отвор).

„До ова најново откритие немавме никакви официјални записи кои би докажале дека Ирвиновата желка уште живее во долниот дел на реката Бурдекин“, рече Бароус, пренесе Гардијан.

Научниците анализирале примероци и ги пребарувале реките Бурдекин, Боен и Брокен во текот на три периоди во 2020 и 2021 година, покривајќи 37 места во трите слива.

„Претходно беше многу тешко да се пронајде Ирвиновата желка затоа што таа живее само на места каде има крокодили или во планински притоки до кои е многу тешко да се дојде“, вели Бароус.

„Исто така, не е лесно да ги фатиш, а водата во која живеат не е бистра, па не може ни да ги снимиме со подводна камера. Но ДНК анализата тоа го промени, затоа што само требаше да земеме примерок од водата и да ја најдеме нивната ДНК“, додава.

Посебен процес – издвојување на околинската ДНК

Процесот на издвојување на еДНК (околинската ДНК) овозможува собирање генетски материјал на некој организам од тлото, седиментот или водата. Иако еДНК не може да ја открие староста на желките, сепак се работи за извонредно откритие.

„Не знаеме ништо за демографијата на оваа популација, но факт е дека ја најдовме нивната еДНК, па и покрај браната изградена во 1980 година, сѐ укажува на тоа дека возрасни Ирвинови желки сепак може да преживеат во овие матни води“, вели биологот Сесилија Вилакорта-Рат.