Вмровците ги засолнуваат скапоценостите на сигурно?


Во екот на кампањата за претседателските избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одлучил дел од луксузните лустери од Белата палата, чиј имот е замрзнат, да ги донира во цркви и манастири.Ако се земе предвид дека во еден член од статутот на партијата, стои дека во случај на престанок на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на Македонската православна црква, се отвора дилема дали партијата ги засолнува скапите предмети на сигурно.

Веста за лустерите на својот фејсбук профил ја објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, кој беше обвинет, па амнестиран за упадот во Собрание. Тој објави фотографии и јавно му се заболагодари на својот шеф за донираните лустери.

„Огромна благодарност до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за донацијата од лустери кои се извадени од централниот штаб, а  беа означени како луксуз. Затоа се подаруваат по македонските цркви и манастири. Црквата св. Никола во село Љубанци ќе ви е вечно благодарна“, напиша Тарчуловски од своето родно село.

Луксузните лустери се изнесуваат од зградата на партијата во период кога имотот е замрзнат со судска одлука. По барање на Специјалното јавно обвинителство, на 31 октомври минатата година Кривичниот суд донесе решенија со кои се определени привремени мерки – отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија. Тоа значи дека  актуленото раководство не смее да ги продава штабовите на ВМРО-ДПМНЕ во сите градови низ Македонија, како и партиското седиште во центарот на Скопје.

Откако беше јавно објавено изнесувањето на предметите од седиштето на партијата, од Специјалното јавно обвинителство официјално велат дека мерката не се однесува на внатрешноста на имотот, туку само за недвижните имоти, односно зградата. Неофицијално, СЈО не влегло во Белата палата и не направило попис на предметите во седиштето. Лустерите може да бидат одземени евентуално ако има правосилна пресуда и ако утврдената штета нема да може да се наплати само од зградата. Во таква ситуација, СЈО би ги побарало лустерите назад.

Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека лустерите не се дел од замрзнатиот имот од СЈО, поради што имаат право да постапуваат со нив како што мислат. „Станува збор за донација во црква за којашто не би сакале да се експонираме во јавноста. Донациите се добар чин и не важно дали подарокот е скап“, велат од партијата.

Специјалното јавно обвинителство отвори два предмети за нелегално финансирање на партијата и за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а одлучи да побара замрзнување на имотот, поради најавите на Мицкоски за можно продавање или давање под закуп на партиското седиште, како и поради продажба на стан во Кисела Вода на почетокот од годината за 100.000 евра.

Судењето за „Талир“, односно за нелегалното финансирање на кампањата никако да почне. Досега е одложено четири пати, на барање на одбраната, а предметот „Талир 2“ се уште не е влезен во судска процедура, бидејќи судот со месеци не го оценува обвинителниот акт.

Токму случајот „Талир“ беше повод адвокатот Еленко Миланов да поведе иницијатива пред Врховниот суд за правно мислење за спорниот член 22 од законот за Специјалното јавно обвинителство. Според мислењето на Врховниот суд, Специјалното јавно обвинителство не може да покренува обвиненија, да отвора истраги и да презема предмети 18 месеци по преземањето на прислушуваните материјали.

Сликите од седиштето на ВМРО- ДПМНЕ предизвикаа огромни реакции во јавноста токму поради скапите и луксузни предмети и раскошот во него. Токму лустерите први паѓаат во очи на секој посетител, а по ѕидовите има впечатливи уметнички слики со патриотска содржина, килими со македонска орнаментика и многу канцеларии.

Јавноста не доби чиста слика за тоа колку тежи во недвижнини и во пари партијата која, во континуитет, најдолго се одржа досега на власт во Македонија. Сепак, до скоро ВМРО-ДПМНЕ се сметаше за една од најбогатите партии во Европа, со значително поголем имот и од ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел.

Фросина Факова – Серафиновиќ