Владата затрпана од меилови за платежната картичка, за два дена добиле 20 илјади
Студенти, средношколци, но и граѓани од социјално загрозените групи реагирале дека ги нема на списоците за Домашна платежна картичка. Имало и спротивни примери, на овие списоци да се најдат пензионери кои не се во категориите граѓани кои треба да добијат по 9.000 односно 3.000 денари за купување домашни производи. Министерката за финансии Нина Ангеловска, на прес конференција рече дека листите ќе претрпат корекции, како за додавање лица кои што не биле опфатени, а имале право за тоа, така и за оние кои се нашле на листата, а не би требало да бидат таму.
„До сега се пристигнати 20 илјади електронски пораки, но поголемиот дел од нив не се приговори, туку прашања за информации во врска со добивањето и користењето на домашната платежна картичка“, рече Ангеловска.
Таа нагласи дека домашната платежна картичка е обемен проект и за прв пат воведува транспарентни и јасни начини за имплементација благодарејќи на базите податоци со кои што располагаат институциите.
„Но, има значаен простор за подобрување на квалитот на дата базите со кои што тие располагаат“, рече Ангеловска, одговарајќи на новинарски прашања. Во однос на приговорите на средношколците, односно студентите кои не се пронашле на платформата „kupuvamdomasno.gov.mk“ таа рече дека податоците за студентите ги доставува Министерството за образование што ги прибавува од универзитетите, а за учениците во средните училишта од системот за електронска евиденција на средношколци.
Во однос на десетина случаи на пензионери кои биле опфатени во мерката за Домашна платежна картичка, Ангеловска објасни дека станува збор за системска грешка, односно за промена на статусот на лицето од вработено во пензионер, кусиот период од три до пет дена кога настанале ваквите неусогласености кога некој заминал во пензија и заклучувањето на листите на 22 мај, согласно владинаата Уредба.
„Се прави дополнителна проверка на сите бази кои што ги имаат доставено институциите. Конкретно кај МОН со цел оние кои ги нема на листата да се направи проверка и доколку постои неажурност или недостаток во доставата или во податоците, да може да се коригира“, рече Ангеловска, додавајќи дека при волкави бази на податоци е можно да се прават корекции што пак, ќе придонесе да се подобри квалитетот на податоците со кои располагаат сите државни инстиуции и ќе помогне при евентуални идни дополнителни мерки.
Во Генералниот секретаријат на Владата е формиран тим кој што работи на одговарање на прашањата кои стигнуваат на електронската пошта, како за приговорите, така и за нејаснотиите околу користењето на картичката.
„Треба да имаме предвид дека доколку се од информативен карактер прашањата може да се одговорат побрзо, но доколку е приговор дека некое лице го нема на листата, таквиот меил се испраќа до соодветната институција на проверка“, рече Ангеловска, додавајќи дека дел од податоците во листата се од УЈП, дел од Агенцијата за вработување, од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за образование и наука, како и од Фондот за здравствено осигурување за здравствените работници кои се опфатени со мерката.
Ангеловска рече дека листата на оние кои што добиле поддршка е јавно достапна и дека за сите приговори кои биле прифатени исто така јавно ќе соопштат. (М.Ј.)