Владата со нови кадровски решенија, Слободан Ивановски е в.д директор на Управата за финансиска полиција
Во однос на кадровските решенија Владата на денешната седница донесе заклучок и му предложи на Собранието на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, Скопје, од должноста член на Надзорниот одбор на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, Скопје претставник на Владата да го отповика Златко Лазиќ, а за член на Надзорниот одбор да го избере Бојан Николовски.
На позицијата в.д директор на Управата за финансиска полиција се именува Слободан Ивановски. Ивановски е магистер по правни науки со положен правосуден испит. Има долгогодишно работно искуство во Управата за јавни приходи, а во моментот е претседател за Комисија за прекршоци на УЈП – Регионална дирекција Прилеп.
Џеват Селами, е именуван за вршител на должноста директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Селами е дипломиран правник, членувал во повеќе работни група, бил професор во СУГС „Арсени Јовков“, а од 2013 до 2020 година бил раководител на одделение за управување со човечки ресурси, а во моментот е раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување.
Владата го разгледа Предлогот на Комисијата за разгледување на пријави од кандидати по објавениот Јавен оглас бр.07/2024 за именување на 1 (еден) член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија и согласно член 18 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 236/2022, 134/2024 и 147/2024), заклучи да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија за член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад на Република Северна Македонија да ја именува Елена Маркова Велинова.