Владата нема да бара промена на коефициентите за платите на функционерите

Платите во јавниот сектор ќе се решаваат системски со нов закон којшто е во процедура. Износите на новите плати во голема мерка се шпекулации, изјави Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

 

Владата нема да интервенира во делот на коефициентите за платите на избраните и именуваните лица, туку ќе ја примени одлуката на Уставниот суд, а платите во јавниот сектор ќе се решаваат системски со нов закон којшто е во процедура. Ова денес на прес-конференција го изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања, кој рече дека е добро што Уставниот суд не ги поништил, туку ги укинал спорните одредби за основицата на платата, бидејќи во таков случај од Буџетот ќе требало да се исплатат 100 милиони евра.

„Одлуката на Уставен суд е конечна, таа не може да се интерпретира ниту пак може да се носат одлуки кои што дерогираат одлука на Уставен суд бидејќи тоа е тешко казниво дело“, рече премиерот Ковачевски.

Уставниот суд деновиве укина два члена од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со кои што наместо фиксен износ, како основица за платите на функционерите се утврдува просечната плата во земјата, која потоа се множи со коефициенти од 2,2 до 4,5 во зависност од функцијата која што ја извршуваат. Деновиве во јавноста се наметна и можноста, која беше кажана и на брифинг од страна на Уставниот суд, да се намалат коефициентите, со цел да не дојде до голем пораст на платите на функционерите.

Ковачевски смета дека ова е нецелисходно.

„Коефициентите се дел од системско законско решение за плати бидејќи носење решенија коишто не се темелат на анализи, коишто не се темелат на правна и економска издржаност, на крајот секогаш завршуваат вака како што заврши ова решение коешто падна на Уставен суд“, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање Ковачевски елаборираше дека одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува со оглед на тоа дека одлуки на уставен суд се конечни.

„Тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои што се зборуваа во јавноста, со оглед дека се работи за шпекулации во најголем дел“, рече Ковачевски.

Тој исто така рече дека досегашното замрзнување на основицата бил владин став и од страна на Владата тој е бранет пред Уставниот суд.

„Пред мене е дописот кој што Министерството за труд и социјална политика го има доставено до Генералниот секретаријат на Владата и дописот кој што Владата го достави до Уставниот суд“, рече Ковачевски, објаснувајќи дека во дописот Владата се залага да остане постојното решение кое потоа беше укинато од Уставен суд.

„Со ова се потврдува дека Владата останала на своето мислење платите да останат такви какви што се“, рече Ковачевски.

„Уставниот суд ги укина овие одредби од Законот и со тоа основицата за пресметување на плата се пресметува без оние ограничувања кои што постоеле до сега“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека доколку Уставниот суд на пример ги поништеше членовите, тоа ќе значело дека на сите избрани и именувани функционери за изминатите 11 години ќе требало да им се исплатат разликите во плата со камати, што ќе беше трошок за Буџетот од 100 милиони евра.

„Иако основицата за пресметување на плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата работи на нов закон за плати во кој што ќе има конзистентност во исплата на плати за сите функционери во државата бидејќи и денес постои неконзистентност во исплата на плати на функционерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулторни тела, разни агенции кои што пресметуваат плата согласно со друга методологија и чии што плати, на директори на членови на управни одбори, се неколкукратно поголеми од платата на пратениците во Собранието“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата заедно со синдикатите работи на нов општ колективен договор кој што исто така треба да ги регулира платите во делот на работниците.

Запрашан дали тој или другите членови на Владата ќе ги донираат средствата од зголемените плати Ковачевски одговори дека тој до сега многу пати донирал.

„Доколку некогаш пиеме кафе кај мене ќе видите голем број на благодарници од различни организации кај што имам донирано и како физичко и како правно лице, но никогаш не сум правел пи-ар од тоа. За блиска иднина со моето семејство подготвуваме нешто за една здравствена клиника“, рече Ковачевски.