Владата го раскина договорот на Лотарија за закуп во објект за веселби во Визбегово, ќе оди и чекор понатаму


Фото: Б. Грданоски

Владата на вчерашната седница го раскина договорот за закуп на објект во Визбегово кој го склучи Државна лотарија со фирмата ХЕЈ ДООЕЛ, потврди денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека ќе се оди и чекор понатаму, односно дека за договорот за, како што рече постои основано сомневање за сторен криминал и корупција, ќе има и правна разврска. 

Инаку вчера во соопштението од владината седница, беше посочено само дека Владата ја разгледала и усвоила информацијата за преземените активности за раскинување на Договорот за закуп на административно – деловен простор склучен помеѓу ХЕЈ ДООЕЛ Скопје и Акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Република Северна Македонија.

„Овој договор кој е склучен за време на минатата влада предизвика силни контроверзни и нереални високи суми при што се споменуваа и одредени лукративни интереси. Договорот е во износ од 2.26 милиони евра во период од неколку години“, стоеше во соопштението од седницата на Владата.

Денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите за време на неговата посета при поставување на камен темелник на доградба на ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром даде и дополнителни информации. 

„Што се однесува до договорот кој што вчера беше предмет на владина одлука, да тој е раскинат со владина одлука, договор кој што не само што е раскинат туку е и со основа за покренување на кривична постапка и кривична одговоност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку е и до три пати поголема од пазарната. И не само тоа, предвидени се и трошоци за реновирање“, рече премиерот Мицкоски.

Тој посочи дека делот кој што е предвиден, околу 2,28 милиони евра за киријата е само еден дел од договорот.

„Има некаде околу 1,7- 1,8 милиони евра кои што се предвидени за реконструкција на самиот објект, бидејќи претходно тој објект бил користен за семејни веселби, прослави и друг тип на забава. Сега требаше да претставува седиште на Државна лотарија, затоа беше раскинат, но не и само тоа, предмет беа и претходно, според нас на погрешен начин, односно спротивно на законите издадени лиценци за приредување игри на среќа онлајн, односно преку интернет и исто така предмет беа и друг тип на платформи“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека сето она кое изминатите години го зборувале дека претставува груба злоупотреба, кршење на законот и основа за кривична пријава во текот на вчерашната седница било разговарано. Денеска, како што објасни, поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на Генерален колегиум и очекува до крајот на оваа недела или на следната владина седница во вторник и тоа да биде раскинато.

„Така што, сите тие партиски донатори кои што официјално и неофицијално беа блиски со претходната влада на СДСМ и ДУИ за кои што постоеше основано сомневање и се уште постои основано сомневање за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато и конечно граѓаните ќе можат да бидат мирни дека владее правото кај нас“, рече Мицкоски.

Инаку, пред нецел месец во медиумите беше објавено дека полицијата ќе го проверува работењето на Државна лотарија откако во јавноста излегоа информации дека незаконски давала лиценци за приредување онлајн игри на среќа иако не смеела да го прави тоа бидејќи и била истечена лиценцата.

„Оформен е предмет и започната е постапка за проверка на информациите за незаконско издавање на лиценци за приредување игри на среќа од страна на „Лотарија на Македонија“, потврдија за МИА од МВР.

Работењето на Лотарија ќе се проверува, откако претходно по барање на Министерството за финансии Владата одзеде лиценци на две фирми за приредување игри на среќа, едната од Струмица и едната од Скопје.

Тогаш Мицкоски изјави дека станува збор за фирми кои работеле незаконски и не плаќале данок, како и дека имало претходни високи функционери од Владата кои и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот.

Пред последните парламентарни избори, додека беше во опозиција ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го обвинуваа тогашниот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби дека со негов потпис на владина седница се отворени незаконски трите нови компании и дека тој има за цел да го преземе бизнисот со казина во земјава. Поранешниот вицепремиер тврдеше дека со оваа одлука се врши демонополизација на пазарот.