Владата ги подготвува измените со кои санционираните од САД ќе се гонат и кај нас
Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал денеска одржа состанок на кој се разгледуваше можноста за зајакнување на рестриктивните мерки во однос на листата на санкции на Соединетите Американски Држави.
Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.
Координативното тело заклучи дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутираа на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници.
На денешниот состанок, со кој претседаваше вицепремиерката Грковска, учествуваа вицепремиерот за европски прашања, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и правда.