Владата до 2024 планира да отвори 80 отсто од поглавјата за влез во ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Новата Влада планира во следните четири години да отвори 80 отсто од поглавјата во преговорите за влез во Европската Унија и да ги донесе европските стандарди дома.

Ова, меѓудругото, се наведува во владината програма за периодот 2020-2024 година, во која Владата се заложува и дека ќе продолжи со реформите во клучните области – владеењето на правото и изградбата на функционална демократска држава – реформа во правосудството, реформа на јавна администрација, реформи во безбедносните служби и борба против организиран криминал и корупција.

-Владата на Република Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80 отсто од поглавјата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ, стои во Програмата.

Целта на политиките на Владата, на премиерот Зоран Зaев е да ги донесе европските стандарди и вредности дома и да им овоможи на граѓаните европски начин на живот. -Унијата е систем на вредности што значат правна држава во која сите сме еднакви пред законот, во која редот, поредокот и организираноста се предвидливи и се дел од нашето секојдневие, стои во Програмата.

Владата ветува дека со отворањето на преговорите за членство државата ќе почне со најдлабока трансформација на општеството и постепено, но темелно и одржливо прифаќање на европските правила, принципи и вредности. Се обврзува дека ќе обезбеди трансформацијата да биде ефикасна и успешна, а воедно во неа да се заштити интересот како држава, интересот на економијата и на граѓаните.

Фото: Б. Грданоски

 

За таа цел, стои во програмата, ќе се воспостави „мотивирана, ефикасна и професионална преговарачка структура“, широк консензус меѓу политичките партии, но и пошироко во општеството околу суштинските реформи за пристапување кон ЕУ, база на податоци на сите домашни експерти и стручни лица од дијаспората кои активно ќе бидат вклучени во работните групи за преговори.

Владата најавува и дека ќе создаде услови за подобро инфраструктурното поврзување со Брисел, а ќе ја разгледа можноста за потпишување стратешко партнерство со европски авиопревозник за воспоставување на директна, редовна линија со Брисел. Ќе се направи посебна буџетска програма за преговори со ЕУ во буџетите на министерствата и други надлежни институции, а во консултации со универзитетите ќе поддржи нови или прилагодени образовни програми кои ќе градат кадри за потребите на државата во европските институции.

Преговорите за членство ќе ги опфатат сите – Владата, администрацијата, Собранието, регулаторите, граѓанскиот сектор, академската заедница, деловниот свет.

До крајот на 2020 година ЕУ ќе подготви робустен економски и инвестициски план за Западен Балкан за закрепнување на економиите и подобрување на конкурентноста. За таа цел Владата ветува дека сите фондови без разлика на областа во која се насочуваат ќе бидат искористени за зајакнување и реформа на институциите и политиките, за унапредување на дијалогот со сите чинители и ќе се мери нивното влијание врз социјалната инклузија, родова еднаквост, заштита на човекови права и заштита на животна средина и оти фондовите ќе ги приближи до граѓаните.

Владата исто така ветува дека ќе вложува во човечкиот капитал во институциите и надвор од нив за подготовка на зрели проекти кои ќе се финансираат преку ИПА 3 и подготовка на земјата за што поуспешно искористување на големите европски структурни и кохезиони фондови.

Фото: Б. Грданоски

 

Во план е и воспоставување на Национален стратегиски документ за билатерална помош, како што постои и Национален стратегиски документ за европската помош; Буџетска линија за преговори и развој на политики; Гарантен фонд за кофинасирање на проекти и помош при развивање на квалитетни и зрели ЕУ проекти, поддршка преку ваучер-шеми и рамковни консултанти – изработката на проекти е комерцијална дејност, заради што ќе се поттикне поединци и претпријатија да почнат да се занимаваат со овој бизнис и развој на таканаречениот ваучер-систем. Ваучер-системот ќе биде достапен и за други целни групи, како земјоделците при развојот на проекти од ИПАРД програмата, образовните институции за Програмата Еразмус+ и др, стои во програмата.

Ќе се формира и Гарантен фонд за кофинасирање на проекти и поврзување со статус од јавен интерес, а секоја организација која ќе привлече европски средства и за тоа ќе добие средства за кофинансирање, ќе се стекне со статусот „организација од јавен интерес“.

Во програмата се посветува внимание и на билатералните односи, преку развивање на регионалната соработка. -Примарен интерес на земјава во регионалната соработка е да се развиваат практични мерки што го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан, стои во Програмата.

Се најавува и отворање на нови шест гранични премини со соседите со цел, како што се наведува, да се овозможи полесна комуникација на пограничните места и тоа Стрезимир-Рестелица (со Косово), Мајден- Промахи и Маркова Нога (со Грција), Клепало (со Бугарија), Лојане-Миратовац и Голеш- Босилиград (со Србија), и Џепиште-Требиште (со Албанија).

Фото: Б. Грданоски

 

Иако ги сменија ресорите, Никола Димитров и Бујар Османи, ветија дека целта ќе им биде заедничка – а тоа се евроинтеграциите и добрососедските односи. Тие очекуваат дека за време на германското претседателство со ЕУ ќе се одржи и првата меѓувладина конференција, со што практично ќе почнат преговорите за членство.

Димитров ја презеде функцијата од Османи вицепремиер за европски прашања, додека Османи е новиот шеф на дипломатија.

Димитров, на заедничката прес-конференција со Османи завчера, како историски ги оцени изминатите три години додека ја извршуваше фунцијата шеф на дипломатијата, пред се, како што рече, поради членството во НАТО, решавањето на спорот со Грција, и почнувањето на историскиот процес со Бугарија. Во наредниот период во кој ќе раководи со СЕП, како што истакна, фокус во работата ќе му биде почеток на пристапниот процес за ЕУ и успешно водење на преговорите за членство во Унијата.

На 26 март 2020 година Европскиот совет донесе одлука за почеток на преговори со државава за членство во ЕУ. Димитров истакна дека заеднички успех со Османи било зеленото светло од март годинава за почеток на пристапниот процес со ЕУ.

-Процес со кој европските стандарди и во смисла на демократија и правда, но и живеење и економија треба да ги донесеме дома, во нашата татковина. Мојот фокус и на СЕП ќе биде почеток на пристапниот процес и да се искористи моментумот со германското претседателство и посветеноста на канцеларката Меркел кон крајот на годинава конечно да ги почнеме пристапните преговори и да ја отвориме најдобрата алатка за реформи дома, рече вицепремиерот Димитров.

Тој додаде оти тоа на некој начин би значело дека СЕП ќе биде еден од главните мотори кој ќе ги турка реформите напред. Најави дека претстои анализа односно одредено освежување на преговарачката структура која е веќе воспоставена со оглед на новата методологија на кластери во кои има повеќе поглавја.

Не чека, посочи Димитров, работа, предизвици, бреме и товар, но и огромна златна шанса овие години да бидат искористени за подлабоко да се навлезе во преговарачкиот процес.

Димитров информира и дека на 8 септември во Брисел земјите-членки ќе имаат дебата околу една верзија на предлог-преговарачката рамка, што ќе ја претстави германското претседателство со Европската Унија.

-Планот на Берлин во рамки на можностите во едно вакво време е овој процес да финишира во последниот месец од оваа година. Очекувањата на германското претседателство е првата меѓувладина конфереција да се случи во декември оваа година, рече новиот вицепремиер задолжен за европски прашања.