Вистината за Кочани: СДСМ прашува за потеклото на пиротехниката, за ВМРО-ДПМНЕ тоа било „брутална злоупотреба“
СДСМ денеска на прес конференција посветена на трагедијата во Кочани, фокусот го стави врз потеклото на пиротехниката, која, според досегашните сознанија, беше причина за избувнување на страотниот пожар. Од партијата обвинуваат дека сопственик и одговорно лиценца на фирмата која ја набавила пиротехниката е лице од блиското опкружување на Мицкоски од Струмица
„Зошто во ниту еден момент ниту обвинителот Коцевски, ниту министерот за внатрешни Тошковски, ниту премиерот Мицкоски не се осудија да го коментираат потеклото на пиротехниката која го предизвика пожарот во дискотеката Пулс кој зема 62 млади животи, а повредени беа 200 млади луѓе? Зошто истрагата досега не доведе до сознание кој ја внел пиротехниката во клубот?“, прашаа од СДСМ.
Од таму исто така прашуваат зошто МВР досега не испита кој нелегално во Македонија шверцува пиротехнички средства и како пиротехнички средства завршиле во дискотеката Пулс кобната вечер.
„Дали доколку се дознае потеклото на пиротехниката истрагата ќе дојде до најблискиот периметар на луѓе околу премиерот“, велат од СДСМ, и прашуваат дали „постои пријава во обвинителството дека потеклото на пиротехниката во дискотеката Пулс е од фирма блиска на најтесното опкружување на Мицкоски?“.
Од СДСМ тврдат дека сопственик и одговорно лиценца на фирмата е лице од блиското опкружување на Мицкоски од Струмица. Од таму прашуват и дали оваа компанија била задолжена за организација на партиските митинзи на ВМРО-ДПМНЕ?
Во одговор на ваквите обвинувања, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека СДСМ „брутално и очигледно ја злоупотребува трагедијата во Кочани, со очајнички обиди да фрлат песок во очите на јавноста и со нивните лаги да ја засенат вистината“, како и дека „искажува некрофилска тенденција да ја искористи трагедијата за добивање на политички поени и манипулација со јавноста.
„За разлика од претходната власт сега има сеопфатна, темелна истрага за трагедијата во Кочани во која беа опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа е доказ дека сега има одговорност и неселективност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донела серија законски, измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи.