„Винската визија“ на Отворен Балкан дојде во Скопје

Најголемиот регионален саем на виното ќе го зголеми потенцијалот на винската индустрија не само во трите земји на Отворен Балкан, туку и многу пошироко


 

Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ресорните министерства на Србија и Албанија, денеска во Скопје се одржа презентација на најголемиот регионален саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“.

Минатата година, во рамките на Отворен Балкан виното беше промовирано како најзначаен производ на регионот, што беше потврдено на првиот вински саем „Винската визија на Отворен Балкан“, кој го имаше своето прво издание минатата година во Белград и предизвика огромно медиумско внимание. Во насока на јакнење на потенцијалот на овој заеднички вински саем, во периодот до неговото второ издание оваа есен, земјите членки  на Отворен Балкан организираат промоции на саемот низ регионот.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем „Винска визија на Отворен Балкан“ кој што прерастува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.

„Она што е резултат на Отворен Балкан сега веќе се гледа и низ бројки. Размената и трговијата помеѓу трите држави е зголемена за 25 проценти. Размената со Србија надмина 1.1 милијарда евра што е најголемо ниво во последните 17 години. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Воведовме зелени ленти за транспортерите за нашите три држави да не чекаат на границите. Воведуваме системи за електронска идентификација со која што работниците ќе можат слободно да се движат помеѓу нашите три држави. И практично ги спроведуваме трите слободи на ЕУ, тука кај нас, на Балканот така како што доликува. На нашите граѓани на трите држави не им требаат граници како што не им требаат граници на земјите од ЕУ, и затоа јас секогаш ќе бидам посветен на зголемувањето на соработката, на зголемувањето на комуникацијата, трговијата, зголемувањето на инвестициите во сите три држави бидејќи тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат“, рече Ковачевски.

Добредојде на делегациите од Србија и Албанија им посака и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој нагласи дека визијата која ја имавме пред неколку години, за тоа како треба да функционира Балканот, денес е наша успешна приказна. Министерот Николовски истакна дека македонското вино е 29-то по ред по извоз во светот и најави дека на крајот на јули Владата ќе донесе нова 10-годишна стратегија за развој на винскиот сектор. Тој посочи дека до крајот на летото ќе биде донесен и новиот закон за вино.

Заменик-министерот за земјоделство и рурален развој на Албанија, Аријан Јауплари, истакна дека неговата земја е потенцијална земја во лозарството и во традиционалното производство на вино.  

„Во 2022 година има производство од 30 илјади хектолитри вино со раст од 15 отсто во  однос на 2021 година. Денеска сме присутни со нашите етикети на најважните саеми во секторот. Исто така го очекуваме членството на Албанија во Меѓународната организација за вино и лозарство. Правната рамка која е усогласена со легислативата на ЕУ која го организира повеќе секторот исто така ја зголемува безбедноста на финалниот производ од секторот,“ рече Јауплари.

Министерка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Јелена Танасковиќ ги покани заинтересираните на Саемот на виното што ќе се одржи во Белград од 16 до 19 ноември годинава.

„Ние сакаме да кажеме дека тоа за нас не е обична саемска манифестација. Ова го доживеавме како нешто повеќе, нешто возвишено. Ве молам сите заедно, пред сѐ вистинските професионалци кои се бават со вино и купувачите, односно сите оние кои учествуваат во производството на вино, маркетинг, пропаганда, да дојдат бидат гости во Белград и да ги победиме бројките коишто ги постигнавме минатата година, а кои не беа ни малку наивни, над 20 земји и 350 учесници. Ние сакаме тоа поамбициозно и поголемо да го правиме од година во година“, рече Танасковиќ.  

Елена Младеновска-Еленковиќ, извршен директор на „Вина од Македонија“ ја поздрави иницијативата и изрази надеж дека и Србија и Албанија и БиХ, Косово и Црна Гора заедно ќе успееме да ги направиме тие вински патишта, да ги донесеме странските гости тука за да покажеме со што располагаме.

Горан Јаковлевски, претседател на „Тиквешки семејни винарии“ нагласи дека кога минатата година добивле покана за учество на „Винска визија на Отворен Балкан“, тие како здружение на мали семејни винарии без размислување ја прифативле бидејќи тоа, како што рече, е одлична можност да ги претстават нивните вина, да споделат искуства, да разменат идеи, да остварат контакти со колеги од регионот, но и да ги понудат нашите туристички можности. (МИА)