Викендов Запата повторно ќе се обиде да го прелета Ла Манш со ховерборд
Пронаоѓачот на млазниот Флајборд ер ховерборд, овој викенд по втор пат ќе се обиде да го прелета Ла Манш.
Се работи за Френки Запата кој во недела ќе се обиде успешно да го изведе подвигот такашто ќе лета 20 минути од Санжет во франција до Сент маргарет Беј на јужниот брег на Англија.
Иако рутата ќе биде иста како и минатиот пат, станицата за полнење гориво ќе биде на друга локација за да се избегнат проблемите кои се јавија при обидот минатата недела.
Леталото има доволно гориво за десетминутен лет, поради што Запата беше приморан да застане на половина пат и да дотури гориво. Сепак, ја промаши платформата за само неколку сантиметри и падна во море. Овојпат ќе користи поголем чамец во француските води, каде ќе се изведе дополнувањето на гориво.
Ако успее во својата замисла, Запата ќе стане првиот човек што го прелетал Ла Манш на млазен ховерборд. Французинот веќе го држи светскиот рекорд за најдолг лет со ховерборд кој го постави во 2016 година. Тогаш на јужниот брег на Франција леташе 2.252 метри.