(ВИДЕО) Ново чудо во Лигата на шампионите, Ливерпул со сензационална победа до финале!


Никогаш полуда сезона со повеќе пресврти во Лигата на шампионите, а овојпат ново чудо режираше Ливерпул кој успеа да го анулира поразот од 3:0 во првиот меч на „Камп Ноу“ против Барселона и на својот „Енфилд Роуд“ успеа да дојде до сензационална победа од 4:0.

Барселона втора година по ред е елиминирана по победа од три гола разлика во првиот меч, овојпат Ливерпул беше кобен за избраниците на Ернесто Валверде иако „Црвените“ беа отпишани поради отсуството на Фирмино, Салах и Кеита.

Фантастичен меч одиграа двете екипи, практично реприза на првиот натпревар, кога Ливерпул одигра фантастично, но не успеа да постигне гол, а овојпат улогите беа сменети.

Ливерпул успеа да поведе веќе во седмата минута од мечот. Избраниците на Јирген Клоп фуриозно влегоа во мечот, успеаја да создадат уште неколку шанси, по што Барселона се консолидираше, па воспостави контрола на играта и влезе во серија шанси кои не успеа да ги искористи. По ова, повторно следуваше агресија на домаќините која не резултираше со погодок, за потоа повторно гостите од Шпанија да воспостават доминација.

Со 1:0 се замина на полувреме, а Ливерпул и второто полувреме го започна на истиот начин. Средниот ред на Барселона, нешто што ги красеше со години наназад, како да не постоеше. Ракитиќ и Бускетс правеа премногу грешки, а играчите на Ливерпул знаеја како да го казнат тоа.

Џорџинио Вајналдум, кој влезе во игра во второто полувреме, зголеми на 2:0 во 54-та минута за огромно воодушевување на трибините на „Енфилд“, а две минути подоцна истиот играч се погрижи за целосна ерупција кога погоди за 3:0, со што беше анулирана победата на Барселона.

Двете екипи по ова го смирија темпото, беа претпазливи, а Барселона повторно имаше шанси преку Меси кој не успеа да го совлада Алисон.

Казната за ова пристигна во 79-та минута кога Дивок Ориги со својот втор гол на натпреварот, по асистенција на Александер Арнолд од корнер и невнимание на одбраната на Барселона успеа да предизвика експлозија во Ливерпул.

Барселона имаше иницијатива до самиот крај, но не успеа да постигне гол вреден финале, а Ливерпул на крајот повторно ќе игра за титулата и тоа кога беше отпишан и потценет од сите.