(Видео) Два британски воени брода се судрија во близина на Бахреин


Во тек е истрага откако два британски воени брода се судрија во пристаништето во Бахреин, соопшти Кралската морнарица. Од судирот има и видео кое на големо се споделува на социјалните мрежи. Изгледа дека бродот Чајдингфолд удрил во бродот Бангор, кој се наоѓал веднаш до брегот во пристаништето на Блискиот Исток.

Во инцидентот нема повредени, соопшти британското Министерство за одбрана, одбивајќи да ја коментира природата на судирот додека истрагата е во тек. Двата брода се сместени таму како дел од долгорочното присуство на Обединетото Кралство во Заливот.

И двете се специјализирани пловила за отстранување или детонирање мини и помагаат да се обезбеди безбеден проток на трговијата низ водите, според Кралската морнарица. „Свесни сме за инцидент во кој учествуваа два миночиста во Бахреин. Нема жртви како резултат на овој инцидент и би било несоодветно да се коментира дополнително додека истрагата е во тек“, изјави портпаролот на Министерството за одбрана за Би-би-си.

Не е првпат Чајдингфолд да биде вклучен во ваков инцидент
Во меѓувреме, контраадмиралот Едвард Алгрен истакна дека причината за судирот „сè уште треба да се утврди“.

„Ние ги обучуваме нашите луѓе за највисоките стандарди и ригорозно ги спроведуваме безбедносните стандарди, но за жал, инциденти од ваква природа сè уште може да се случат“, објасни тој за новинската агенција PA.

Целосна и темелна истрага „веќе е во тек“, потврди контраадмиралот Алгрен, „и сите промени што би можеле да спречат понатамошни инциденти ќе бидат брзо спроведени“. „Во меѓувреме, ОК ќе продолжи да игра клучна улога во обезбедувањето на безбедноста на трговскиот превоз во регионот“, најави тој.

Снимката, која не е потврдена од Би-би-си, покажува нешто што изгледа како голема дупка во трупот на Бангор по судирот. Ова не е прв пат Чајдингфолд да биде вклучен во ваков инцидент. Во 2021 година, исто така во близина на брегот на Бахреин, го погоди Пензанс, брод од иста класа како Бангор.