Вицепремиерот Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ (acquis), како еден од најважните предуслови за членство на земјава во Европската Унија.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на свеченото потпишување во Владата присуствуваа и претставниците на економските оператори на кои претставничките од СЕП, државната секретарка Калинка Габер и раководителката на секторот за подготовка на националната верзија на acquis (правото на ЕУ) Слаѓана Ангелова, им ги предадоа копиите од Рамковната спогодба.

Во воведното обраќање, вицепремиерот Димитров нагласи дека acquis-от или правото на Европската Унија, е корпус на заеднички права и обврски што се обврзувачки за сите земји членки на ЕУ, а земјите кандидатки мора да го транспонираат во националното законодавство како темел на европската интеграција.

– Ако овој термин, acquis, во корените на своето значење од францускиот јазик, всушност претставува „знаење, стекнато право или наследство“, преку неговиот превод на македонски јазик ние создаваме наследство за нашата иднина и иднината на нашите поколенија. Наследство кое значи дека македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во семејството на Европската Унија, нагласи Димитров.