Весна Јаневска вели дека партиски протест не е добар за наставниците

Министерката за образование и наука Весна Јаневска во изјава за МИА вели дека повиците за утрешниот протест доаѓаат од партија која имала можност да го подобри статусот на наставниците.
„Протестите ги организира СДСМ која до вчера беше на власт и имаше министри, заменици-министри и државни секретари, која ја оставија државата во распад, го оставија МОН со буџетска дупка од пет милијарди и која имаше можност да го поправи статусот на наставниците, но тоа не го направи“, вели министерката Јаневска.
Таа вели дека ќе се бори за подобрување на статусот на наставниците и дека во првиот момент кога ќе има можност за зголемување на платите, откако ќе се стабилизира Буџетот, тоа ќе биде направено.
Јаневска вели дека со ребалансот на Буџетот обезбедени се 900 милиони денари за плати за наставниците, а се прават напори во ноември или декември наставниците да добијат и регрес за годишен одмор.
За утре пред Министерството за образование и наука е најавен протест организиран од страна на СДСМ под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите“. Од протестот се оградија од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Претседателот на синдикатот Јаким Неделков вели дека нивните членови нема да учествуваат на партиски организирани протести.