Велосипед – возило со две тркала

Фото: Б.Грданоски

Велосипед стар повеќе од еден век своевремено беше продаден во Лондон на една аукција за рекордна сума – за повеќе од 100.000 фунти. Велосипедот „дајмон фрејм сејфти“ од 1892 година од британско производство беше купен од колекционер од Блискиот исток за точно 105.750 фунти или 170.600 долари. Од кога датира велосипедот?

Пред да ги усовршат моторите, автомобилите и авионите, велосипедистите со возењето велосипед, односно брз двоколец (велосипед) достигнуваа најголема брзина на движење кај луѓето.

Според некои извори, велосипедот го конструирал Микеланџело и првиот велосипед бил без педали.

Првото возило слично на велосипед првпат се спомнува во 1447 година во хроника на германскиот град Мајнинген. Потоа, нирнбершка хроника бележи дека извесен ковач во 1649 изработил возило со кое за еден час можело да се поминат две илјади чекори.

Најстариот предок на модерниот велосипед бил велосипедот „целерифер“ на Французинот Мед де Сиврак. Сиврак во 1790 година конструирал направа на две тркала (секој со пречник од седумдесет сантиметри) монтирани под дрвена попречна штица со перничиња во средина. Велосипедот на Сиврак „целерифер“ всушност бил лик на животно, коњ, лав и слично, направен од дрво, поставен на две дрвени тркала споени со дрвена пречка. Возачот јавал на тоа дрвено животно и се движел со туркање од земја со една па со друга нога.

Понатамошниот напредок во развојот на велосипедот е направен со појавата на дресина, наречена по пронаоѓачот Карл фон Дрес. Со овој двоколец направен е голем чекор напред, затоа што предното тркало можело да се движи лево и десно, па со ова возило можело да се управува. Дресина била од дрво, а возачот ја движел со наизменично оттурнување со нога од земја.

Синот на Мишо на велосипед во 1868 година

Првите велосипеди кои повеќе не морало да се туркаат со нозе се појавиле во 1861 година во Франција. Нивниот пронаоѓач бил Ернест Мишо, кој во 1855, на предното тркало на трицикл монтирал педали. Предното трклао со педали и директен пренос било повисоко од задното. Дрвените тркала, кои до тогаш биле обложени со железо, во 1865 година се обложувал со полни гуми. Во 1880 година, Англичанецот Џон Кемп Старли го лансирал велосипедот Безбедност (Safety): заден пренос со водорамен ланец, ниска рамка, тркалезни лежаи, тркала со речиси ист пречник, положба на седиштето на врвот на горната цевка на рамката.

Осум години подоцна, Шкотланѓанецот Џон Данлоп воведува гумен обрач, а пронаоѓачот Диркоп слободно движење на педалите. Британска фабрика „Humber“ воведува петоаголна рамка, со што велосипедот постепено го добил својот денешен облик.

До раниот 21 век, ширум светот се произведени повеќе од една милијарда велосипеди. Нивната бројност далеки ја надминува бројноста на автомобилите, во однос на вкупниот број и бројот на поединечни модели. Тие се главно средство за транспорт во многу области. Исто така, тие претставуваат популарна форма на рекреација и се адаптирани за употреба како детски играчки, одржување на генерална кондиција, имаат воена и полициска примена, во курирската служба, за велосипедски трки и велосипедски акробации.

Во поново време измислен е електричен велосипед кој има батерија и олеснува долги возења, го намалува уморот или тешкотиите на угорници. (Политика)