Великанот на четката Петар Лубарда ја собра елитата во МСУ: Црногорскиот пејсаж и историските теми нѐ маѓепсаа (галерија)

Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, Скопје доби најскапоцен сликарски опус „завиткан“ во „експресивниот фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција“


Фото: Б. Грданоски

Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, Скопје доби најскапоцен сликарски опус „завиткан“ во „експресивниот фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција“,  кој му донесе широко меѓународно признание на Петар Лубарда, еден од најистакнатите сликари на територијата на поранешна Југославија од втората половина на 20 век.

Високите гости од Црна Гора, вклучувајќи ја и министерката за култура на Црна Гора, Маша Влаовиќ и членови на семејството Лубарда, како и амбасадорката на Црна Гора во Македонија, Марија Петровиќ, не го криеја задоволството од организирањето на изложбата, културен најстан од досега највисок ранг меѓу двете земји. За македонските домаќини, изложбата, исто така, беше скапоцен камен во културната мапа, зашто ги собра и претседателот Стево Пендаровски, како покровител, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која им се обрати и на гостите, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски,  како и претставници од дипломатскиот кор и од сите сфери на јавниот живот на Македонија, љубители на импозантна уметност.

Фото: Б. Грданоски

Синоќа, пред МСУ и во МСУ се бараше паркинг повеќе и воздух повеќе, заради турканицата со автомобили и високите политички делегации беше ангажирана и полиција, ама настанот вредеше во секој поглед –  и како културна обиколка и како значајни средби меѓу гостите од земјата и од регионот.

Фото: Б. Грданоски

Во октомври 1963 година Петар Лубарда ги подари сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, (по интервенција на тогашниот градоначалник на Скопје, Благој Попов) подоцна изложени и во Скопје, со што тој стана, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот (1942-1966).

Претседателот Пендаровски со министерката за култура на Црна Гора Маша Влаовиќ

„Приврзаноста на Лубарда за специфичниот црногорски пејсаж и љубовта кон старата култура, кон судбоносните и историските теми, може да се проследат преку неговите дела од колекцијата на МСУ. Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното. Неговиот фигуративно-асоцијативен експресионизам е исполнет со медитерански импулси преточен во подеднакво рудиментирани, интензивно обоени апстракции. Лубарда на впечатлив начин ги вклучува локалните теми и мотиви и ги трансформира низ формалната игра со визуелните елементи, вградувајќи ги во стремежот за универзалното“, велат кураторите на изложбата Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Фото: Б. Грданоски

Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студираше сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живееше во Белград. Неговиот експресионизам кој се граничи со апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Паоло во 1953 година. Во Сао Паоло едногласно победи покрај делата на Дали, Мур, Пикасо, а Пикасо повторно го победи на биеналето во Јапонија.

Фото: Б. Грданоски

После подолго време пошироката јавност имаше прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите. Во време на кризи, катастрофи и воени судири, кои го обременуваат современиот свет, важно е потсетувањето на концептот за солидарност на кој се темели МСУ и меѓународната соработка, кои се основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Фото: Б. Грданоски

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски