Велигденска порака од поглаварот на МПЦ: Да најдеме начин за меѓусебно помирувањe


Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден.

– Сè што било проречено за Спасителот Господ Исус Христос од старозаветните праведници – се исполнило: и доаѓањето, и раѓањето, и служењето, и судењето и распнувањето… Се исполнило и навестувањето за Неговото воскресение, кое Самиот го прорекол, кога рекол: урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам. И навистина: по лажните обвиненија, по неправедната пресуда и по распетието на Голгота, Синот Божји бил погребан и на третиот ден – воскреснал. Затоа, денот на Христовото Воскресение е ден за радост, и тоа радост за вечниот живот. Но, за да го разбереме и да му се радуваме на тој спасоносен ден, потребно е да живееме со настанот што ги донесе новото време и новата ера. Со Неговото воскресение се оправда и сета наша вера и доби смисла животот. Од тоа чудо над чудата извира и надежта во сопственото воскресение, зашто ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера.

Велигденската радост треба да нè зближува и да нè обединува сите, како чеда на нашата мајка Црква, и нас во Татковината, и сите вас што живеете раселени по светот. Без разлика каде сме, да живееме богоугодно и во мир со сите луѓе, чувајќи ги националните и духовните посебности како народ, покажувајќи потребна грижа за светоста на бракот и семејството, грижа за повозрасните, изнемоштените и сиромасите, а особено за младите и нивното воспитување во духот на верата православна и на нашите прадедовски традиции. Како народ конечно да најдеме начин за меѓусебно помирување, па да простиме сè со Воскресението. Тоа нам, како христијани, ни е света должност, зашто кој не го љуби својот брат – како може да Го љуби Бога?!

Прославувајќи го Христовото Воскресение со сите христијани во светот, да се радуваме и веселиме поради победата над смртта, поради верата во сеопштото воскресение и надежта во вечниот живот во Царството небесно. Да се радуваме заради Воскресението Христово и воскресението наше, поздравувајќи се со торжествениот поздрав: Христос Воскресе!, стои во велигденската порака на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.