„Вашингтон пост“: Поштенската служба на САД била активирана во лов на нелегални имигранти по наредба на Трамп


Специјално одделение за безбедност на Поштенската служба на САД (УСПС) започнало тајна соработка со имиграциските органи за идентификација и апсење на нелегални мигранти, објави весникот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на интерни документи и извори во администрацијата.

Според написот, инспекциската служба на поштата, која се занимава со безбедност на поштенскиот систем и борба против измами, се приклучила на специјалната меѓуагенциска група при Министерството за внатрешна безбедност. Таа група има задача да лоцира и депортира лица без регуларен статус во земјата.

Имиграциските агенции добиле пристап до системите за следење на поштенски пратки и до чувствителни податоци на корисниците – како IP адреси, податоци за плаќања и историја на пратки. Според весникот, вклучувањето на УСПС во прогонот на нелегалните имигранти е „значителна ескалација“ во имиграциската политика на администрацијата на Трамп.

Така на пример, во координирана акција со учество на поштенски инспектори во Колорадо-Спрингс неодамна биле приведени повеќе од 100 мигранти. 

Итно запирање на нелегалната имиграција и депортација на милиони недокументирани дојденци беше едно од главните ветувања на Доналд Трамп за време на изборната кампања. Веднаш по инаугурацијата годинава на 20 јануари, тој прогласи вонредна состојба во земјата поради ситуацијата на јужната граница.