Варшава дозволи прелет на Фицо, но остро го осуди патувањето во Москва

Полското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека дозволило на авионот со словачкиот премиер Роберт Фицо да го прелета полскиот воздушен простор на пат кон Москва, каде што ќе присуствува на одбележувањето на Денот на победата.
„Бидејќи немаше формални меѓународно-правни пречки, полската страна издаде дозвола за лет“, се наведува во соопштението.
Сепак, Полска остро реагираше на учеството на Фицо на манифестацијата организирана од Кремљ.
„Тешко ни е да сфатиме како некој што се залага за мир и е против војната, може да прифати покана од Владимир Путин – човекот што нареди агресија врз соседна држава и предизвика смрт, страдања и масовно раселување“, соопшти МНР на Полска.
Министерот Радослав Сикорски изјави дека не размислувал за дозволата додека Фицо беше болен, но додаде дека учеството на таков настан во Москва „не е добра идеја“.