Вардаровото славје во сенка на повредата на Дисингер


Петти пат во осмата сезона од ракометната СЕХА-лига, трофејот за најдобра екипа му припадна на Вардар. По минатонеделната елиминација од Лигата на шампионите, загрепчани мораше да потпишат капитулација и во финалниот меч што се играше во Белорусија. Сепак, победата на македонскиот шампион од 26-23 (14-12) падна во сенка на повредата на Германецот Кристијан Дисингер, кој, како утеха, најверојатно не се здоби со скршеница на раката, туку „само“ со дислокација.

Мечот започна одлично за хрватскиот првак, кој поведе со 7-3, Мораеш доби црвен картон, а Дисингер при еден дуел со противнички играч, падна со целата тежина на левата рака и комплетно ја свитка. Подолго време му се укажуваше помош, лекарите ја имобилизираа. Скопјани потоа се вратија во мечот, па на полувреме заминаа со минимална предност. На почетокот од вториот дел, загрепчани израмнија, но Мандиќ заработи црвен картон, по што вардарци ја презедоа иницијативата. Десет минути пред крајот, Вардар поведе со 22-18, Загреб се врати на еден гол заостаток, но немаше сили за целосен пресврт.

Најефикасен кај македонскиот состав беше Кристопанс со седум погодоци, Дибиров и Скубе постигнаа по пет, додека Милосављев имаше осум успешни интервенции. Мраковчиќ со четири гола беше најефикасен во редовите на Загреб.

Трета титула по ред, горд сум на своите соиграчи. За жал, нема преголемо славје, бидејќи го изгубивме Дисингер. Оваа победа му ја посветуваме нему“, рече капитенот Столе Стоилов.

Тој, сепак, му препушти на Игор Карачиќ да го подигне шампионскиот пехар. Извонредниот Хрват, по седум години минати во црвено-црниот дрес, од идната сезона ќе настапува за Кјелце.

Посебен момент за мене. Но, малку сум збунет, во мислите ни е повредениот Дисингер, се надевам дека ќе биде добро и дека брзо ќе се опорави. Плативме преголема цена за оваа титула. Сега одиме на следните трофеи“, изјави Карачиќ.

Во сличен тон зборуваа и останатите членови на вардаровата експедиција.

Момците се одлични, се бореа до последен атом и во полуфиналето и во финалниот дуел. Покажавме уште еднаш дека сме најдобри во СЕХА, но останува во нас и тагата поради повредата на Дисингер. Се работи за сериозна повреда, но нема предвреме да зборуваме ништо“, подвлече тренерот Роберто Гарсија Парондо.

Неколку часа подоцна, стигнаа охрабрувачки вести. Повредата на германскиот интернационалец не била толку сериозна.

Кристијан се чувствува добро. Извршени се лекарски прегледи во болницата во Брест. Првичните информации се дека нема скршеница, туку само дислокација. По враќањето во Скопје следуваат дополнителни испитувања“, објави клубот.

Во натпреварот за третото место, домашниот Мешков Брест го совлада тимот на Нексе од Нашице со 24-19.