Вардар ремизираше со Академија Пандев, Шкендија на плус 12
Заврши третата четвртина од домашното фудбалско првенство. Актуелниот шампион, Шкендија од Тетово е на најдобар пат да ја одбрани титулата откако вчера попладне го совлада градскиот ривал Ренова со 2-1. Формалниот домаќин поведе со голот на Бејтулаи, „гипсарите“ израмнија преку Садики, но во вториот дел стрелец за голот вреден три бода беше Радески.
Шкендија сега има големи 12 поени пред второпласираниот Вардар, откако „црвено-црните“ во дербито на колото, на стадионот во Маџари ремизираа со Академија Пандев. Скопјани поведоа со голот на Аврамовски, но во финишот струмичани израмнија преку Дориев. Двата тима ги зачуваа позициите на табелата и пласманот во фудбалска Европа не би требало да им биде доведен во прашање.
Шкупи беше поразен од Работнички на Чаир, иако поведе со голот на Устабаши. „Романтичарите“ го свртеа натпреварот за само две минути во вториот дел и со головите на Пеев и Илиевски ја прекинаа црната серија од пет меча без триумф.
Кога е во прашање битката за опстанок, сѐ потешка им е ситуацијата на Беласица и на Победа.
Во директните дуели за избегнување статус на второлигаш, струмичани на свој терен беа совладани од Силекс со 0-1, благодарејќи на Додев, кој прецизно стрелаше во 51. минута од мечот. Македонија Ѓорче Петров рутински се справи со прилепскиот состав и со головите на Кировски, Да Силва и Квеирож стигна до комотен триумф.
До крајот на првенството ќе се одиграат уште девет кола, односно уште еден круг. Веќе во недела во Скопје е големото дерби на македонскиот фудбал меѓу Вардар и Шкендија. Сепак, тетовците имаат речиси недостижна предност на табелата, па ниту пораз во Скопје за нив не би бил крај на светот.
Резултати: Вардар – Академија Пандев 1:1, Беласица – Силекс 0:1, Македонија Ѓорче Петров – Победа 3:0, Шкендија – Ренова 2:1, Шкупи – Работнички 1:2
Табела
1. Шкендија 27 19 5 3 59:19 62
2. Вардар 27 14 8 5 30:17 50
3. Академија Пандев 26 14 4 8 31:20 46
4. Ренова 27 9 9 9 33:33 36
5. Работнички 27 10 6 11 34:38 35
6. Македонија Ѓ.П. 27 8 10 9 32:36 34
7. Шкупи 27 9 6 12 25:28 33
8. Силекс 27 6 10 11 18:33 28
9. Беласица 27 5 8 14 22:38 23
10. Победа 26 5 4 17 19:41 19
Идно коло, недела (16 часот): Вардар – Шкендија, Шкупи – Силекс, Ренова – Работнички, Македонија Ѓ.П. – Академија Пандев, Беласица – Победа