Вакцина против коронавирус – само за богатите?


18 месеци – тоа е прогнозираната временска рамка за живот без маски, репродуктивни бројки на заразени и виролози. Дел од научниците се пооптмистични во однос на развојот на вакцина против корона, други сметаат дека е потребно подолго време за тоа. Па сепак, некогаш ќе дојде моментот кога вакцината ќе биде тука. Но, која земја ќе ја добие прва? Плановите и подготовките се во ек, вели експертот за здравство Илона Кикбуш за ДВ: „Во моментов нема меѓународни правила за фер распределба во ваков случај.“

Главен цел – приход

Во моментов распределбата е препуштена на пазарните сили. „Тоа доведува до опасност Западна Европа, Канада, Јапонија и САД да бидат особено добро снабдени бидејќи се во позиција да платат повисока цена,“ вели здравствениот менаџер Јирген Васем за ДВ. „Ова е проблем кој постојано го имаме во фармацевтската област,“ додава тој.

Историски гледано, фармацевстката индустрија на тема вакцини не се памти по добро. Повеќепати е потврдено дека тесните грла во снабдувањето со вакцините се должат на ценовната политика на компаниите. „Но, ова е тешко детално да се докаже,“ вели Васем. Индиректно обвинување: концерните можат да предизвикаат вештачки недостиг од вакцини за да добијат повисока цена.

Исто така одредени вакцини не се никогаш развиени бидејќи не се економски исплатливи. „Кај еболата постоеја основи за вакцина, но никогаш не беше развиена бидејќи профитот би бил мал,“ вели експертот за здравство Илона Кикбуш, која предава на универзитетскиот Институт за меѓународни студии и развој во Женева. Хан Штојтел, претседателот на Здружението на фармацевтски производители за развој и истражување, на прашање по мејл од ДВ ,одговори: „На сите им е јасно е дека оваа ситуација може да ја надминеме само со заеднички сили.“

Infografik Marktanteile Impfstoffproduzenten DEГолемата четворка – уделот на пазарот на произведувачите на вакцини во проценти

Светското здравје е во рацете на компаниите

Јирген Васем, професор на Универзитетот Дуизбург-Есен, гледа јасна предност во вклучувањето на приватниот сектор. „Така имаме голем број конкурентски иницијативи од кои некои и ќе успеат. Развојот на една вакцина е многу скап и ризичен процес.“ Над десетина компании кои работат на новата вакцина веќе започнаа или ќе започнат со клинички студии – најперспективните кандидати доаѓаат од Кина, САД и Германија.

Зрак на надеж:глобална Агенција за набавки

На меѓународно ниво, човек не сака да се потпре само на пазарните сили. Тесни грла во снабдувањето и можни екстремни цени веќе предизвикуваат чувство на нелагодност. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја прогласи вакцината против Ковид 19 за „јавно добро“.  И германската канцеларка Ангела Меркел се држи до оваа терминологија и ги фокусира нејзините напори на 4 мај. Повеќе држави, Европската унија и фондацијата Гејтс сакаат да соберат повеќе од осум милијарди евра за Светската здравствена организација. Со овие пари потоа може да се основа глобална Агенција за набавки за вакцини и лекови, објаснува експертот Илона Кикбуш. „Оваа Агенција потоа може да ги распределува вакцините по договорен фер клуч,“ вели Кикбуш, која исто така седи во советодавното тело на СЗО.

И многу водечки германски фармацевтски компании исто така сакаат да се вклучат. Претседателот на водечките германски фармацевти во изјава за ДВ напиша дека се обврзале „медицинските иновации против Ковид-19 да ги направат глобално достапни по прифатливи цени.“

Прашање за локацијата

Како моделот ќе изгледа на крај е отворено прашање. Исто така и прашањето за распределбата. Оти се’ уште не е јасно дали и САД навистина ќе бидат дел од глобална Агенција за набавки. САД го откажаа учеството на конференцијата на 4 мај. Американската влада ја критикува СЗО како премногу пријателски настроена кон Кина. САД, за разлика од ЕУ веќе имаат еден вид агенција за набавки. Т.н. БАРДА ги обврзува компаниите да произведуваат во САД. Таа веќе соработува со европскиот гигант од фармацевтската индустрија Санофи. Изгледа се работи за тоа прво да се обезбедат лекови за САД.

Американците не се сами: германскиот министер за здравство Јенс Шпан веќе нагласи колку е важно производството во Европа. „Само тука имаме голема сигурност на испораката”, смета Шпан. Влијателниот американски мецена Бил Гејтс со оглед на таквата предвидлива „трка“ се изјасни и за продукција во земји во развој. Оти јасно е дека ако се водиме само според пазарната сила, најсиромашните земји во Африка и Латинска Америка или Азија последни ќе дојдат до вакцини. „Сметам дека е многу веројатно оти ќе игра улога подготвеноста на економиите да платат за неа”, вели економот Јирген.

Слично било и со свинскиот грип пред 10 години. „Богатите земји ги купија сите вакцини коишто ги имаше на располагање на пазарот”, дополнува експертот Кикбуш.

Национализмот контра солидарноста

Кога се работи за живот и смрт, идејата за меѓународна соработка брзо се заборава. Тоа на сличен начин се покажа во корона кризата со блокадата за извоз на медицинска опрема во Европа и САД. По медицинскиот национализам постои и опасност од национализам кога се во прашање вакцините, вели Кикбуш.

При Здружението на истражувачи и производители на лекови медицинскиот национализам го оценуваат како дебата во погрешна насока. Од искуствата со поранешни епидемии и пандемии било јасно како треба да се постапува. „Штом имаме вакцини на располагање прво се вакцинира медицинскиот персонал, потоа ризичните групи и на крај цело население”, пишува претседателот на здружението, Штојтел. Тој е уверен дека „многу здравствени системи во светот истовремено, или со незначително временско одложување, ќе може да постапат по веќе докажаната шема.

И експертот за здравство Кикбуш смета дека на сите им е јасна историската димензија на задачата. „Предизвикот е огромен, но ако учествуваат земјите и фирмите не е сѐ толку црно колку што изгледа на прв поглед.” За здравјето во светот, да се надеваме дека ќе биде во право. (Дојче веле)