Ужасот почна: Талибанците убиле жена зошто готвела лошо


Талибанците застрелаа жена бидејќи не носела бурка истиот ден кога групата вети дека ќе ги почитува правата на жените. Објавена е фотографијата на жената од провинцијата Тахар во Авганистан како  лежи во локва крв, додека нејзините сакани се гушкаат околу нејзиното тело.

Дека Талибанците почнале да го наметнуваат својот суров режим, по што останаа запаметени од минатото, јавуваат и други влијателни медиуми. Според „Њујорк Тајмс“ во некои провинции на жените им било кажано да не излегуваат од дома без придружба на машки роднини.На студентките на универзитетот во Кабул им било кажано дека не треба да ги напуштаат своите студентски домови, освен ако не се придружувани  од маж старател, така што тие што немаат машки роднини во градот ќе останат заробени.

Одмаздољубивите талибански борци исто така запалиле млада жена во северен Авганистан. Жената била запалена бидејќи била обвинета за лошо готвење од страна на талибанските борци, тврди Најла Ајуби, активистката и поранешен авганистански судија за „Скај њуз“.

„Ги тераат луѓето да им даваат храна и да им готват “, рече Ајуби. „Исто така, има толку многу млади жени во изминатите неколку недели испратени во соседните земји во ковчези за да се користат како сексуални робинки“, додаде таа.

Ајуби, која живее во егзил во САД, собира извештаи за тепања, камшикувања и други насилни напади врз жените од  колеги активисти на терен во Авганистан, кои се кријат од режимот.

Талибанците се „прославија“ во минатото како поим за варварство, поради садистичките погубувања на фудбалските стадиони, каменувањата на жени, сечењето раце и уривањето бесценети споменици. Сега научија некои пи-ар трикови, но нивните критичари забележуваат дека и во 1996 година понудиле амнестија , пред да започнат жестока одмаздничка серија. Наспроти прпагандата на нивните гласила, веќе стигаат вести дека убиле истакнат поет и роднина на новинар на германскиот радиодифузер Дојче Веле.Талибанците пукаа и врз демонстрантите во градовите Џалалабад и Асадабад. Заедницата Хазара реагираше со бес на уништувањето на статуата на еден од нивните водачи, кој беше погубен од Талибанците. Тие исто така спроведуваат потрага од врата до врата на луѓе што се наоѓаат на нивниот список за барани лица. Американскиот политичар Марк Вокер,пак, тврди дека христијанин од Авганистан бил одран и обесен на столб од талибанците. На  социјалните мрежи се појавуваат видеа на кои се гледа тепање или влечење луѓе од автомобили и од куќи, што предизвика страв кај населението кое се уште е во шок од ненадејниот колапс на досегашната влада.Во некои освоени квартови талибанците почнале да забрануваат музика и вработување на жени во медиуми.

Како што оцени дипломат на ЕУ: „Тешко е да се поверува дека тие се промениле, не гледам дејствија во таа насока “.

“Воопшто не верувам во она што го велат, сето тоа е лага. Никој не верува во она што го велат”, изјави жител на Кабул, кој не сакаше да биде именуван од страв од одмазда.  

Новинарките и етничките малцинства, особено Хазарите, се под посебен ризик. Хазарите се етничка малцинска група, која беше подложена на масовни убиства за време на режимот на талибанците во доцните 1990 -ти. Исплашени се и новинарите кои критички ги покриваа Талибанците.