Утврдена е причината за пожарот во автобусот на „Беса Транс“


Позната е причината за појавата на пожарот и местото каде што избувнал во автобусот на „Беса Транс“, соопштија за БТВ бугарскиот обвинител Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов, кои работат на истрагата за  трагедијата. Маринов одби да ја открие  причината за пожарот и рече дека тоа ќе го препушти на експертите, кои веќе имаат свои „тези“ откако вчера повторно е прегледан опожарениот автобус.

Но, тој прокоментира дека големо парче од заштитната ограда е „нанижано“ 
на автобусот од гумата до влезната врата,која е свиткана како армоника и резервоарот е уништен.

„Можете да замислите какво триење и искри имало“, рече Михаилов.

Истражителот додаде дека автобусот бил стар и „рециклиран“ во Турција, при што целата опрема е сменета и останува да се види дали новата е „нефабричка“.
Теориите на заговор кои кружат во јавната сфера се неточни, рече 
обвинителот Михајлов. Во автобусот немало експлозив, категоричен е Михаилов повикувајќи се на проверката на остатоците од автобусот. Нема податоци за туби со бензин, а теориите дека имало  „материјали за производство на
дрога“ според него не заслужуваат ни коментар.

Истражителот Маринов истакна дека има цевки со нафта за напојување на системот за греење во автобусот, но останале незафатени од пожарот. Моторот на автобусот исто така работел и, како што нагласи, може да се вклучи и сега и да работи непречено. Според Маринов, не може да се обвини за несреќата ни лошата состојба на заштитната ограда што, според експертите, не била инсталирана како што се барало.

„Дури и да била прикачена со 100 штрафови, автобусот ќе ја однесеше. Автобусот е 18 тони. Ја однесе како сламка“.