Утре ќе бидат промовирани резултатите за отвореноста на извршната власт


Настанот „Посветеност кон отвореност за долготрајни успеси“ во организација на Фондацијата Метаморфозис, ќе се одржи утре, среда, со почеток од 11 часот во хотелот Холидеј Ин во Скопје.

На настанот ќе бидат промовирани најновите резултати од мониторирањето на отвореноста на извршната власт изведена преку Индексот на отвореност на национално ниво, и ќе се споредат со резултатите од претходните години. Низ дискусија ќе се презентираат научените лекции и добрите практики преку кои може да се подобри транспарентноста на институциите.

На настанот, како што соопштија од Фондација Метаморфозис, ќе се дискутира и за Партнерството за отворена власт и ќе се претстават заложбите од шестиот Национален акциски план.

Индексот на отвореност ги проценува перформансите на извршната власт во областа на доброто владеење, што се фокусира на четири столба: пристапност, ефикасност, интегритет и транспарентност, со заеднички домен присутен во сите четири столба – отворени податоци.

Примерокот на таргетирани институции се состои од Генералниот Секретаријат на Владата, 16 министерства и 19 случајно избрани извршни органи во состав на министерствата.

Настанот е дел од синергија помеѓу проектите „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено Општество-Македонија, и проектот „Користење на новите медиуми за промовирање на владината транспарентност” кој го спроведува Фондација Метаморфозис како дел од партнерскиот конзорциум ACTION SEE со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија. (Мета)