Утре е последен ден за аплицирање за мерката 14.500 денари за мај


Битиќи: Аплицирањето за третиот пакет ќе биде едноставено и познато во следните две до три недели

Утре истекува рокот до кога компаниите можат да аплицираат за мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари за плати на вработените за месец мај, а заклучно со вчера до УЈП биле поднесени околу 34 илјади барања, рече денес Фатмир Битиќи, советник на премиерот на онлајн дискусијата за економските мерки на Владата што ја организира СДСМ.

„Околу 90 отсто од барањата веќе се одобрени“, рече Битиќи, додавајќи дека сега поднесувањето на документите, постапката за одобруваање и исплатата на средствата се одвива многу побрзо.

Зборувајќи за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите Битиќи рече дека врз основа на податоците за месец април, што беа исплатени во текот на мај, произлегува дека компаниите кои ја добиле поддршката ја отсликуваат состојбата во  македонската економија во однос на големината на фирмите и бројот на вработените.

Така, како што појасни Битиќи, вкупно околу 20 илјади компании добиле финансиска поддршка за април со околу 330 илјади вработени, потоа 5,5 илјади самостојни вршители на дејност и околу 1.800 компании кои аплицирале за мерката 50 отсто учество во придонесите.

„Една од основните цели на мерките на Владата е да се сочуваат што е можно повеќе работни места“, рече Битиќи додавајќи дека тоа бил фокусот без оглед што поддршката оди преку компаниите бидејќи тоа е модалитет помошта најбрзо да се реализира.

Од вкупниот број 19.845 компании, кои добиле поддршка за април, 42 компании се со над 250 вработени, или 0,21 отсто од поддржаните компании, но кои вработуваат 21 отсто од вкупниот број поддржани вработени со мерката финнсиска подрршка од 14.500 денари.

„Да, малку се на број, но вработуваат голем број работници, а мерката е за поддршка на работни места“, рече Битиќи, одговарајќи на забелешките во медиумите дека помошта отишла кај големите, а не кај малите и средни фирми.

Околу 300 други компании се од 50 до 250 вработени, кои вработуваат околу 28 илјади лица, или 1,55 отсто од поддржаните компании и 22,5 отсто од вкупниот број поддржани вработени.

Третата категорија се микро и малите претпријатија – околу 19 илјади поддржани компании со вкупно 73 илјади вработени или 98,23 отсто од поддржаните компании и околу 58 отсто од поддржаните вработени.

„Значи, структурата на компаниите кои добиле финансиска поддршка е адекватна на структурата на економијата во Македонија“, рече Битиќи. (М.Ј.)