Уште еден пратеник од партијата на Меркел поднесе оставка поради корупциски скандал


Марк Хауптман вели дека поднесол оставка за да ги заштити вереницата и децата

Член на германскиот парламент од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел поднесе оставка во четвртокот поради обвинувањата за плаќања од Азербејџан.

Пратеникот Марк Хауптман за весникот „Велт“ изјави дека не сторил ништо лошо, но решил да се повлече за да ја заштити својата свршеница и децата од јавно вознемирување.

Оставката на Хауптман следува по скандалите околу двајца други германски конзервативни пратеници, обвинети за земање мито за да им помогнат на брокери при набавки на маски. Двајцата се повлекоа од конзервативната група во Бундестагот како одговор на наводите.

Оставките се во политички деликатно време за ЦДУ – непосредно пред двата важни регионални избори во недела, кои се очекува да влијаат на трката за наследник на Меркел на општите избори во септември.

Во средата, магазинот „Шпигел“ објави дека азербејџанската амбасада во Берлин платила 16.744 евра за да рекламира викенд за шопинг во Баку во локалниот весник што Хауптман го издава во државата Тирингија. Според извештајот, исплатата била извршена откако Хауптман работел со години на воспоставување срдечни врски со Азербејџан, постојано застанувајќи на страната на земјата и покрај контроверзниот извештај за човековите права.

Владите на Тајван и Виетнам исто така платија за реклами во весникот, објави „Шпигел“.

Двајца други пратеници на ЦДУ, Карин Стренц и Аксел Фишер, исто така, се соочуваат со прашања во врска со врските со Азербејџан. Тие се осомничени дека земале плаќања за политичка активност во интерес на азербејџанската влада. Во тек се официјални истраги против двајцата пратеници, кои ги негираат обвинувањата. (Според агенциите)