Уште да го положат административниот тест и 155 лица ќе бидат конечно вработени во болницата во Тетово


 Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше на средба со медицински сестри, лекари, и друг персонал во Клиничка болница Тетово кои работат со договори на дело. По средбата изјави дека административната процедура е завршена и останува последниот чекор за полагање на административниот тест, за да добијат вработување на неопределено време.

Групата на медицински сестри, техничари, болничари, администрација како и лекари на крајот на мај и на почеток на јуни одржаа неколку јавни протести со цел да алармираат на потреба да бидат трајно вработени во установата.

-Некои од нив работеа 10 години, некои помалку. Некои од нив работеа од месец, месец и пол, или година, година и пол без плата само да бидат дел од институцијата. Денеска после месец и пол задоволни сме дека тие веќе се дел од нашата здравствена институција во Тетово – 155 вработени. Процедурите административно ги завршивме, сега е само крајниот чекор за полагање на тој административен тест за да може да се потпишат и договорите помеѓу директорот и вработените, истакна министерот Алиу.

Вработените за медиумите посочија дека прашањето за нивниот работен статус за првпат се зема сериозно и се третира со одговорност.

-Овој значаен институционален чекор претставува не само вистинско признание за нашиот труд и заложба, туку и нов почеток кон обезбедување стабилност и работнички права, преку премин од договори на дело во договори на неопределено време, истакна Ивона Неделкоска во име на хонорарците.

Според министерот Алиу, медицинските сестри треба да полагаат административен тест додека докторите треба да полагаат испит којшто е креиран од Министерството за здравство.

Министерот за здравство, Азир Алиу на прес – конференција вчера во Минстерството за здравство најави дека во Клиничката болница во Тетово 155 медицински сестри, лекари и друг персонал ќе добијат договори за вработување на неопределено време. Со тоа, како што кажа, ќе заврши агонијата на 155 лица од кои некои од нив со години работат во институцијата без решен статус.