Уругвај стана првата латиноамериканска земја што усвои закон за евтаназија

Монтевидео – Уругвај вчера стана првата латиноамериканска земја што го усвои законот со кој се легализира евтаназијата, откако уругвајскиот Сенат гласаше за законот, што Долниот дом на Парламентот го одобри во август, јави ДПА.
Текстот на законот беше одобрен со 20 од 31 глас, објави весникот „Ел Обсервадор“, кој забележа дека Уругвај е првата земја во претежно католичкиот регион што ја легализира евтаназијата преку акт на парламентот – во Колумбија и Еквадор оваа практика беше декриминализирана преку судовите, потсетува германската агенција.
„Уругвај денеска повторно е на чело на агендата за правата на луѓето. Го усвоивме законот за евтаназија: мерка што ја признава слободата на избор до самиот крај, со достоинство и слобода“, наведе сенаторката Констанца Мореира на мрежата X.
Сенаторот Алехандро Санчез рече дека усвојувањето на законот „зборува за длабока посветеност на човечкото достоинство и слобода“.
Сенаторот Даниел Каџани зборуваше за „историски ден“.
„Уште еднаш на чело на проширувањето на правата, Уругвај станува првата земја во Латинска Америка со закон што дозволува евтаназија, гарантирајќи го правото на достоинствено умирање“, навед сенаторот на X.
Уругвај се придружува на само неколку земји во светот со закон за евтаназија, меѓу кои се и Холандија, Шпанија и Канада, јавува ДПА.