Ураганот Милтон денеска ќе го погоди регионот Тампа Беј на Флорида
Мајами – Ураганот Милтон од петта категорија денеска ќе го погоди регионот на заливот Тампа во Флорида, соопштија метеоролошките служби, а градоначалничката на Тампа Џејн Кастор ги предупреди жителите да ги слушаат властите и да се евакуираат.
– Ако одлучите да останете во една од оние области што треба да се евакуираат – ќе умрете, изјави Кастор за Ци-Ен-Ен, додавајќи дека заканата од ураганот Милтон може да биде „катастрофална“.
Заливот Тампа е регион кој не доживеал ураган повеќе од еден век.
Ураганот Милтон вчера зајакна на ураган од петта категорија од скалата Сафир-Симпсон со ветрови од 265 километри на час, поради што речиси целиот западен брег на Флорида е под предупредување.
Најсилниот ураган на Атлантскиот Океан беше Ален во 1980-тите, кој достигна брзина на ветер од 306 километри на час.
Гувернерот на Флорида Рон Десантис вчера најави дека сојузната држава се подготвува за најголемата евакуација на населението од 2017 година и оти невремето може да предизвика прекин на електричната енергија за поголем број жители отколку што ураганот Хелена предизвика пред десет дена во неколку американски држави.
Американскиот претседател Џо Бајден одобри вонредна состојба на Флорида, а 7.000 владини службеници се мобилизирани да помогнат во една од најголемите мобилизации на федерален персонал во историјата.
Американските сојузни држави Северна Каролина, Флорида и голем дел од Јужна Каролина се уште закрепнуваат од последиците на ураганот Хелена. Повеќе од 200 луѓе загинаа во шест американски сојузни држави во ураганот Хелена, што го прави најсмртоносниот по ураганот Катрина во 2005 година кој уби речиси 1.400 луѓе.