Унгарски заем за кампањата на шпанската екстремно десничарска партија Вокс
Вокс добила 9,2 милиони евра од банката која е поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарската влада доцна во понеделникот негираше каква било улога во големите банкарски заеми за шпанската екстремно десничарска партија Вокс.
Партијата на Сантијаго Абаскал добила заеми од унгарската банка МБХ од 9,2 милиони евра за финансирање на кампањите за локалните и општите избори во 2023 година, според претставник на партијата Вокс.
Најголемиот акционер на банката, со речиси половина од акциите, е пријателот од детството на премиерот Виктор Орбан и најбогатиот човек во Унгарија, Лоринц Месарош, но и унгарската држава е партнер со удел од околу 30 проценти.
На крајот на септември, Вокс призна за шпанскиот весник „Ел паис“ дека МБХ дала заем од 9,2 милиони евраза нивната изборна кампања во 2023 година. Информацијата за весникот ја потврди Пепа Милан, портпаролот на партијата, кој земањето на заемот го оправда со тоа дека не добиле заем од шпански извори. Банката МБХ на партијата ѝ даде кредит на две рати. Првата рата беше 6,7 милиони евра, втората 2,6 милиони евра. Од партијата додаваат и дека кредитот е целосно вратен.
Опозициската пратеничка Агнес Вадаи во писмено прашање го праша Орбан дали има некаква улога во заемот што го доби шпанскиот Вокс, но на прашањето одговори државниот секретар на премиерот Јанош Фонаги.
„Евентуалниот заем од комерцијална банка за Шпанија наведен во прашањето, како и во секој друг случај, можеше да се реши само на чисто деловна основа, во која унгарската влада нема никаква улога и нема информации“, одговори Фонаги.
Вокс претходно негираше дека знаела за врските на банката со Орбан и рече дека целиот заем е веќе отплатен.
Тоа не беше првиот политички заем од унгарска банка за финансирање на европската десница. Претходно, претходникот на MБH, МКБ, ја финансираше претседателската кампања на Марин Лепен во 2022 година во Франција со заем од 10,6 милиони евра. Партијата на Ле Пен рече дека другите банки не сакаат да го „финансираат демократскиот живот“ на Франција.
Во јули, Вокс се приклучи на новата екстремно десничарска група на Орбан во Европскиот парламент, Патриоти за Европа.
Поместувањето на Вокс од десничарските европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) во новата екстремно десничарска формација Патриоти ги вознемири политичките кругови во Шпанија, бидејќи на партијата веќе ѝ беше доделено потпретседателство во ЕЦР. Лидерот на партијата Абаскал, исто така, претходно се судри со други партии членки на Патриотите кои ја поддржуваат независноста на Каталонија, како што се италијанската Лига или фламанските екстремно десничарски националисти на Флаамс Беланг.