Улман: Не смее да се дозволи да се губи вода

Модернизација на водоводните мрежи, намалување на техничките и финансиските загуби, зголемување на енергетската ефикасност и подобрување на перформансите на јавните комунални претпријатија, сето ова се клучни елементи за поодржлива инфраструктура и поквалитетни услуги за граѓаните.
Вака денеска заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ги претстави целите од проектните активности вредни 7.5 милиони швајцарски франци, при потпишувањето на договорите за спроведување на проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија“, што ќе се реализира во седум големи општини низ земјата.
– Ова е конкретен чекор кон унапредување на основните јавни услуги и еколошките стандарди и поради тоа, сакам да изразам длабока благодарност до Швајцарската Конфедерација за континуираната поддршка. Посебна благодарност упатувам до амбасадорката Улман за нејзината посветеност и континуирана соработка во напредувањето на нашите заеднички цели, истакна Лашкоска.
Притоа, таа додаде дека проектот, со вкупна вредност од 7,5 милиони швајцарски франци, е одличен пример за ефикасно партнерство, 6,5 милиони франци се грант од Швајцарија, додека над еден милион франци се обезбедени од Министерството за животна средина.
Оваа структура на финансирање, како што нагласи Лашкоска, ја отсликува заемната доверба и блиското партнерство со Швајцарија во насока на реализација на заедничките приоритети. Искуството ни покажува, додаде таа, дека подобрувањето на животните услови и заштитата на животната средина не се возможни без ефективна децентрализација и без зајакнати локални јавни претпријатија.
– Во таа насока, Министерството дејствува како мост помеѓу овие претпријатија и меѓународните партнери, со фокус на градење на доверливи и функционални капацитети. Амбасадорке Улман, благодарам за ова стабилно партнерство. Искрена благодарност и до градоначалниците и директорите на јавните претпријатија за нивниот активен ангажман и блиска соработка. Убедена сум дека овој модел на соработка ќе донесе видливи и долгорочни резултати за нашите граѓани, подвлече Лашкоска.
Задоволство изрази и aмбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман. Таа, меѓу другото, рече дека треба да се разбере, дека водата ја нема во онаа количина, како досега.
– Многу треба внимателно да се работи со управувањето на водата, мора да има заедничка посветеност и да се споделува одговорноста, за да може да се намалат загубите на вода. Во овие предизвикувачки времиња за луѓето и животната средина, за економијата, не смее да се дозволи да се губи вода. Мора да биде третирана како посебно богатство, како посебна вредност. Без вода, нема живот, подвлече амбасадорката.
Таа посочи дека во проектот ќе кофинансираат и општините и јавните претпријатија од седумте локални заедници.