Украинците нападнаа руски танкери од „флотата во сенка“

Два руски танкери за нафта, Кусто и Каи Јун, беа оштетени во напад со беспилотни летала извршен од Безбедносната служба на Украина (СБУ) вчера во пристаништето Приморск. Поради нападот, најголемото руско пристаниште за извоз на нафта на Балтичкото Море привремено ги прекина операциите, пишува Ројтерс.
Покрај танкерот, погодена е и пумпната станица, но обемот на штетата сè уште е непознат. Експертите истакнуваат дека дневниот сообраќај на пристаништето Приморск достигнува вредност од 100 милиони американски долари, поради што дури и краткорочното затворање предизвикува огромни економски загуби за Руската Федерација.
Според Ројтерс, повикувајќи се на извори од индустријата и украинската војска, оштетените бродови припаѓаат на таканаречената руска „флота во сенка“ и пловат под знамето на Сејшелите. Нападот го потврди и гувернерот на рускиот Ленинградски регион, Александар Дрозденко, кој извести дека избувнал пожар на еден од бродовите во пристаништето поради нападот со беспилотни летала.