Украина оваа зима ќе му возврати удар на Путин со озлогласена руска стратегија
Автор на стратегијата е поранешниот руски генерал Сергеј Суровикин

За прв пат по речиси четири години војна, Украина планира да возврати удар на „зимската војна“ што Кремљ ја води четврта сезона по ред. Стратегијата, чиј автор е поранешниот генерал Сергеј Суровикин, датира од есента на првата година од руската инвазија, пишува шпанскиот весник „Ел Мундо“.
Целта на таканаречената зимска војна беше, како што Суровикин ја замислил во тоа време, електричната енергија, греењето и транспортот да се претворат во клучни точки на притисок, бидејќи уништувањето на инфраструктурата среде зима требаше да го скрши моралот на населението и да ја принуди Украина да преговара од позиција на слабост. Со напаѓање на електрани и системи за греење, руската армија се обиде да поттикне бранови на миграција кон Европа и да ја ослабне украинската воздушна одбрана со пренасочување од бојното поле кон одбрана на градовите.
Сепак, и покрај уништувањето, Украина преживеа три зими. Граѓаните се прилагодија на часовите за греење во населбите, а инфраструктурата беше обновена секој пат со помош на сојузниците. „Растојанието од Москва до Киев е исто како и од Киев до Москва“, изјавија денес од Киев, алудирајќи дека овој пат Русите би можеле да ги почувствуваат последиците од политиките на сопствениот режим.
Оваа есен, за прв пат од почетокот на инвазијата, Украина одлучи да возврати со иста мера. Киев веќе нападна две термоелектрани во руските погранични региони Белгород и Брјанск и една во окупираната Запорожје, во „огледални“ напади како одговор на руските напади врз украинските енергетски објекти во Сума, Харков и Донецк.
„Русите не ја разбираат цената на сите овие прекини на електричната енергија и страдањата што ги доживува украинскиот народ. Украина не убива цивили, но тие мораат да ја сфатат цената на своите одлуки“, рече претседателот Володимир Зеленски во понеделникот. Киевскиот слоган што често се слуша во последните денови гласи: „За секој Украинец што ќе замрзне, ќе замрзне и еден Русин“.
Причината зошто Украина може да го спроведе ова сега лежи во брзиот развој на сопствената воена индустрија. За рекордно време, тие развија свои дронови и ракети што можат да достигнат цели длабоко во Русија, со поддршка на западни системи како што се американските лансери „Химарс“ и британските ракети „Сторм шедоу“ со дострел од 250 километри.
Неодамна, украински дрон со долг дострел прелета повеќе од 2.100 километри пред да удри во складиште за гориво во Русија. Оваа есен, Киев претстави две домашни ракети – „Фламинго“ и подобрена верзија на „Нептун“.
И Украина и Русија користат систем за централно греење наследен од советската ера. Ова значи дека уништувањето на една термоцентрала може да го остави целиот град без греење и електрична енергија и со тоа да стане цивилна цел, чие таргетирање претставува воено злосторство.
Киев побара од Вашингтон да испорача ракети „Томахавк“ преку своите европски сојузници. Станува збор за моќни ракети со дострел од повеќе од 2.000 километри. Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека „размислува за одлуката“ за нивна испорака, но дека сака да знае какви се целите на Украина пред да го испрати оружјето.
Извори блиски до Белата куќа велат дека Трамп планира да испрати помал број ракети како средство за притисок врз Владимир Путин да се согласи на искрени преговори со Зеленски. Доколку тоа не се случи, испораките би можеле да бидат поголеми.