Угостителските објекти во Струга ќе работат до 2 односно до 3 часот по полноќ
Угостителските објекти во Струга ќе работат еден час подолго од законски предвиденото во летниот период, а за претстојниот продолжен празничен викенд работното време ќе им биде продолжено за два часа.
Ваквата одлука ја донесе Советот на последната седница, согласно која за викендите и одржувањето на јавни манифестации угостителските објекти наместо до 1, ќе работат до 2 часот по полноќ, додека на 1, 2 и 3 август работното време им е продолжено до 3 часот по полноќ.
– Советот на Општина Струга донесе одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти за време на одржување на културни, туристички и други јавни манифестации. Согласно одлуката, работното време за 1 час е продолжено на 26, 27 и 28 јули, 5, 6, 7, 9, 13, 14, 15, 26, 28 и 29 август, 8 и 28 септември, 11 и 23 октомври, 1, 8 и 22 ноември и 21 и 25 декември 2026 година, соопшти Општина Струга.
Целта на таквата одлука, како што наведуваат, е непречено одржување на планираните манифестации, поддршка на туристичката сезона и локалната економија, како и придонес за подобра организација на настаните што ја афирмираат Струга.
– Општина Струга продолжува да создава услови за развој на туризмот, угостителството и културниот живот, почитувајќи ја законската регулатива и интересот на граѓаните, посочува општинската прес-служба.