Угостителите бараат протоколи за работа на хотелите и отворање на авто-камповите


Претставниците од туристичко-угостителскиот сектор денес на средба со министерот за економија Крешник Бектеши истакнале дека во моментов е неопходно да се донесат протоколи за работа на хотелите, за што Министерството за економија ќе ги достави препораките од Европската комисија до Комисијата за заразни болести за носење на истите.

Како што се вели во соопштението до медиумите од Министерството за економија, дел од барањата на туристичко-угостителскиот сектор се отварање на авто-камповите и носење на протокол за работа на истите, отварање на плажите, како и ресторани за свадби и игротеки. 

„Министерот за економија упати порака до туристичко- угостителскиот сектор дека мерките кои Министерството за економија и Владата ги има донесено за помош на најпогодените сектори ќе продолжат да се реализираат се додека трае кризата“, се вели во соопштението при што се додава дека континуирано се следи состојбата во овој сектор и секоја активност ќе биде во насока на опоравување и помош на најпогодените гранки ва стопанството.

На работниот состанок покрај министерот Бектеши беа и претставници на туристичко- угостителскиот сектор, како и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

Главни теми на состанокот беа состојбите во туристичко-угостителскиот сектор во моментот, мерките кои Министерството за економија и Владата ги превзема за справување со кризата предизвикана од Ковид 19 како и проблемите со кои се соочува овој сектор.

Министерот Бектеши претставниците на туристичко-угостителските комори ги информираше за реализацијата на донесените мерки за поддршка на секторо, како и за Програмата за субвенција за кофинансирање на конференции и настани во висина од 50 отсто, а најмногу до 30.000 денари, како и Уредбата со која се олеснуваат условите за категоризација на угостителските објекти за сместување кај физички лица и намалување на бројот на комисијата за категоризација од 13 на 5 члена со вклучување на член од приватниот сектор.