УЕФА ги повика најсилните лиги на состанок поврзан со ВАР технологијата


Европската фудбалска унија (УЕФА) ги покани водечките фудбалски лиги на состанок во лето, на кој главна тема ќе биде како унифицирано да се користи ВАР технологијата, објави  Би-Би-Си.
Според истиот извор, раководствата на судиските организации од Премиер лигата, Ла Лига, Серија А, Бундеслигата и Лига 1 ќе дискутираат на состанокот за начините за враќање на ВАР технологијата во неговата првобитна намена, интервенирајќи само во случаи на очигледни грешки.
Средбата е иницирана од шефот на судискиот комитет на УЕФА, Роберто Росети, кој неодамна предупреди дека фудбалот не смее да оди во насока на „микроскопски ВАР интервенции“.
Според бројките од оваа сезона, Премиер лигата има најниска стапка на ВАР интервенции од 0,275 по натпревар, по што следуваат Бундеслигата и Ла Лига, со по 0,38 интервенции, Серија А со 0,44 и Лига 1 со 0,47 по натпревар.
Во Лигата на шампионите, ВАР технологијата се користи во просек 0,45 пати по натпревар.