Учениците од ООУ „Дане Крапчев“ втори во светот на „FIRST LEGO League“
Учениците од ООУ „Дане Крапчев“ од Скопје постигнаа историски успех освојувајќи го второто место во светот на престижниот меѓународен натпревар „FIRST LEGO League“, во категоријата роботска игра.
Тимот „Осетра“ ја претставуваше Македонија меѓу екипи од 55 држави и повеќе од 1.000 ученици од целиот свет, а со освоени 525 бода успеа да се искачи на самиот врв на светската сцена и да го привлече вниманието на присутните.
Зад овој резултат стојат седум месеци напорна работа, подготовки и многубројни предизвици. Учениците, заедно со своите ментори и родители, вложиле огромен труд за да стигнат до финалето и да се натпреваруваат со најдобрите тимови во светот.
Посебна заслуга за успехот има наставничката по информатика Марина Пејковска, која беше главен водич и поддршка на тимот во текот на целиот процес. Од училиштето истакнуваат дека нејзината посветеност, заедно со трудот на менторите, била клучна за остварувањето на овој успех.
Голема поддршка тимот добил и од родителите, пријателите, како и од локалната самоуправа.
Од училиштето порачаа дека тимот „Осетра“ треба да биде инспирација за секое дете и секој наставник во Македонија, доказ дека со знаење и труд може да се стигне до светскиот врв.