Казна од 20.000 евра по драмата во Долно Лисиче, каде возач беше фатен како фрла шут на дива депонија


При вонреден инспекциски надзор во Долно Лисиче, на локацијата викана „Купишта“, затекнат е камион кој незаконски одлагал отпад од градежен шут, спротивно на Законот за управување со отпад.

Од страна на општинскиот инспекторат е издаден прекршочен платен налог за правното лице, согласно со член 130 од Законот.

За сторениот прекршок е изречена глоба од 20.000 евра во денарска противвредност!

Општина Аеродром продолжува со засилени инспекциски контроли и нема да дозволи уништување на животната средина, загадување и создавање диви депонии на територија на општината.

Апелираме до сите граѓани и компании совесно да постапуваат со отпадот и да ги почитуваат законските прописи. За секое несовесно однесување ќе следуваат санкции, велат од општината.

Претходно, дел од медиумите објавија дека сопственик на фирмата е Харис Качапор, кому во моментов му се суди за смртоносното прегазување на поранешниот директор на ОХИС, Јорго Ќука.

Според обвинението, сообраќајката се случила на 3 ноември на булеварот „Гоце Делчев“, по што Качапор го напуштил местото. Подоцна беше уапсен во болница, каде, според неговото објаснување, отишол на лекар.

Качапор претходно беше опфатен и во предметот „Синџир“, каде се гонеше за „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“. Во тој случај се спогоди со обвинителството и доби условна казна, објави Скопје1.мк.