Пакомак: Селективно одложувајте го отпадот, барајте ги Вендинг машините


Промените кон почиста и поздрава животна средина започнуваат со секојдневните навики на сите нас. Селектирањето на отпадот, правилното одложување на амбалажата и грижата за просторот во кој живееме се мали чекори што создаваат голема разлика. Токму затоа, повеќе од 15 години Пакомак активно работи на подигнување на еколошката свест преку поставување контејнери за амбалажен отпад и повратни вендинг-машини, собирање и селектирање на отпадот, како и постојана комуникација насочена кон создавање еко-навики.

Статусот на Пакомак како еко-лидер е одамна потврден и тоа не е новост. Сепак, и понатаму се соочуваме со прашањето: „Зошто работите сè уште не се подобри?“

Одговорот е едноставен.

Пакомак дава добар пример за тоа како треба да се постапува со отпадот што го создаваме и како треба да се грижиме за животната средина. Со своите активности и иницијативи, компанијата се наметнува како еко-лидер во заедницата. Но, клучот за чиста и здрава животна средина е сите да го следиме добриот пример, да ги прифатиме еко-вредностите како дел од секојдневниот живот и редовно да го селектираме и правилно да го одложуваме отпадот.

Чистата животна средина е наша гордост, но и лична одговорност на секој од нас.

Потребна е поголема масовност во селектирањето на амбалажниот отпад, но и повеќе контејнери за негово селективно одложување. За жал, сè уште сме сведоци на преполни контејнери, како и на нивен недостиг во одредени градски реони, каде што бројот на згради и жители е зголемен, а бројот на контејнери останал ист. Дополнително, недостасува и доволен број подземни контејнери.

Експертите советуваат амбалажниот отпад, пред да се одложи, да се компресира за да не зафаќа премногу простор во контејнерите.

Пред 15 години, контејнерите на Пакомак започнаа да се појавуваат во урбаните средини во земјата, за денес – да бидат практично на секој чекор. Жолтите контејнери за пластика, сините контејнери за хартија и зелените игло-контејнери за стакло станаа препознатливо обележје на улиците и тротоарите ширум земјата.

Во 2021 почна и поставувањето на Повратните вендинг машини (ПВМ) – најсовремениот систем за селективно одложување на амбалажниот отпад, кој ја наградува активноста на граѓаните преку „зелените поени“ кои можат да се искористат за плаќање на сметки, попусти и донации преку мобилната апликација ЕкоМак. Овој проект Пакомак го реализира со поддршка од Швајцарската Амбасада, на тој начин остварувајќи значајна интернационална соработка која носи придобивки за целото општество. Како компанија чија основна дејност е силно поврзана со еко вредностите, Пакомак предводи значајни еколошки иницијативи, активно работи на подобрување на отпадната инфраструктура, поставува нови контејнери и го собира амбалажниот отпад, го организира процесот на секундарно селектирање и претставува најголем управувач со отпад на територијата на Македонија.

Кога Пакомак започна со работа во 2011 година, стапката на рециклирање преку системот на компанијата беше 12,8% во однос на тоа колку компаниите-членки пријавиле дека пуштиле амбалажен отпад на пазарот. Во последните три години стапката на рециклирање е редовно над 65% – или поедноставно кажано – секоја година се собираат и рециклираат над 30.000 тони амбалажен отпад. Напредокот е видлив, а редовните истражувања кои ги спроведува Пакомак потврдуваат дека еко-свеста кај Македонците е во пораст. А сепак, може да биде и подобро…

За да функционира еден општествен систем потребна е поддршка од сите негови учесници, затоа што уредено општество не се создава само со формални закони и права, туку со нивна доследна примена во секој сегмент од системот, во институциите, во секојдневните одлуки и во однесувањето на секој поединец. Само тогаш правилата стануваат навика, а вредностите реалност. А кога еко вредностите ќе станат темел на заедницата, тогаш ќе биде остварена и визијата на Пакомак за создавање на општество со здрави навики. Ова нека биде потсетник дека секој може да направи разлика за себе и за својата заедница.