Учениците кои немаат таблет, треба да добијат од училиштето
Учениците кои немаат финансиски средства да набават уред, уредот треба да биде доставен од училишето и тоа е јасно пропишано. Министерството за образование и наука (МОН) набави 10 илјади таблети како дополнение на сите таблети и електронски уреди кои ги имаат училиштата. Затоа повторувам дека во интерес на учениците е да имаат дигитален уред, а не печатен учебник, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.
Бројот на печатени учебници, вели Царовска, е спуштен до училишните библиотеки за да ја имаат како книга испечатена, и за учениците кои во домашни услови немаат можност, и да добијат електронски уред да го користат.
– Учениците кои немаат можност да купат дигитален уред, треба истиот да го добијат од општината и училиштето. Доколку таква можност немаат општината и училиштето, имаат можност да се изјаснат во период од два месеца до Министерството и МОН ги впушти сите таблети кои беа побарани. Секако дека има остатоци кои стојат на располагање во случај на итност и трансфер кон онлајн учење за да се спроведат до училиштата за да бидат достапни до учениците кои ќе треба да следат онлајн учење, рече Царовска.
МОН, како што кажа, од март собира податоци кој колку учебници има, колку му се потребни дополнителни.
– Совршен систем нема, но совршен систем се гради. Ако сите во системот сме доволно одговорни на време ги поставуваме прашањата, навремено даваме одговори, ќе стигнеме до еден подобар систем. Сепак јас не верувам во совршен систем, но сепак подобар систем секако ќе биде возможен само ако сите се на ниво на задачата. Имаше цели училишта кои за прво одделение не доставија барања за учебници, па МОН успеа да се справи и со тој предизвик, заклучи Царовска.