Убиената жена во Битола e мајка на четири деца
Денеска во Битола e убиена 31-годишната битолчанка Ајнет Вејсел, мајка на четири деца. Ја уби нејзиниот сопруг со кого не живееле заедно. Убиство се случило утрово во 6 и 40 часот во населбата Баир на ул. „5-та“. Убиецот е лишен од слобода и се наоѓа во полициската станица во СВР Битола. Сопругот е на возраст од 33 години и е осомничен дека си ја убил сопругата, а како повод за фемицидот се наведува семејна расправија и недоразбирања кои траеле подолг период.
Роднините на убиената денеска во шок велат дека несреќната жена била избодена до смрт со нож и дека од нанесените убоди ѝ немало спас. Сопружниците биле разделени, недоразбирањата меѓу нив биле чести, но жртвата не пријавувала заради децата, велат сега ожалостените роднини.
„Често трпеше насилство, убиецот не можеше да се помири дека го остави и со децата замина кај нејзиниот татко. Ѝ велевме да пријави, не го стори тоа, и сега еве што се случи“, велат родини на убиената жена.
ОЈО Битола издаде наредба за обдукција за починатата, а од лице место се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. (А.Б.)