Финансиска полиција објасни зошто го гони Стефан Богоев


Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против С.Б. во својство на
службено лице – директор на Царинската управа, С.М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д.Г. во својство на овластено лице во правно
лице, А.С. во својство на вработено лице во правно лице и против едно правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, од член 275-в од КЗ на РСМ, „Примање поткуп“од чл.357 од КЗ на РСМ, „Давање поткуп“ од чл.358 од КЗ на РСМ и „Примање награда за противзаконито постапување “ од чл.359 од КЗ на РСМ.

Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година, пријавените свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка „Надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка, на начин што, пријавениот С.Б. како директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С.М., како помошник директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари.

Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М.