Уапсени трите лица за бруталниот напад врз 14-годишник во Ченто
По неколкудневна истрага, полицијата приведе три лица осомничени за бруталниот напад врз 14-годишно момче, кој минатата недела се случи на подрачјето на населбата Ченто, при што против нив ќе биде поднесена кривична пријава по целосното расчистување на случајот.
Како што информираат од МВР, нападот се случил на 22 јуни околу 23:05 часот, кога тројцата физички го нападнале малолетникот и му нанеле повреди со остар предмет.
Родителите на повреденото момче претходно изјавија дека нивниот син бил нападнат без никаква причина, тврдејќи дека напаѓачите почнале да го тепаат, по што едно од лицата извадило нож и го прободело. Како последица на повредите, момчето паднало во бессознание, а напаѓачите избегале од местото на настанот. Малолетникот потоа бил пронајден од случаен минувач, кој веднаш повикал Итна медицинска помош и полиција.
Од МВР соопштија дека со приведените се извршени службени разговори и дека по целосното документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.