Турција: Најмалку 16 лица загинаа во две одделни сообраќајни несреќи
Најмалку 16 лица загинаа, а повеќе од десетина се повредени во две одделни сообраќајни несреќи што се случија денес во близина на Анталија, кога се преврте патнички автобус, и во покраината Бурдур, каде што два автомобила се судрија челно.
Во тешка сообраќајна несреќа во турската покраина Анталија, кога патнички автобус излета од патот и се преврте откако возачот не успеа да помине низ кривина, загинаа најмалку девет лица, а многу повеќе се повредени, соопштија локалните власти.
Повредените се пренесени во блиските болници, вклучувајќи ја и Градската болница во Анталија.
Турскиот министер за правда, Џилмаз Тунч, објави дека е покрената истрага за несреќата и дека се назначени еден заменик-главен обвинител и двајца јавни обвинители, објавува турскиот „Хуриџет“.
Гувернерот на Анталија, Хулуси Шахин, изјави дека во времето на несреќата временските услови биле лоши, со дожд и магла, но нагласи дека станува збор за делница каде што не е дозволена голема брзина.
Истиот ден, во друга тешка сообраќајна несреќа, на патот Анталија-Испарта, во покраината Бурдур, седум лица загинаа, а петмина беа повредени во челен судир меѓу два автомобила.
Според гувернерот Бурдур, повредените се згрижени во болници, додека патот е повторно отворен за сообраќај по истрагата.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека несреќите што се случија утрово во Анталија и Бурдур „длабоко ја потресоа нацијата“ и им упати сочувство на семејствата на жртвите, заедно со желби за брзо закрепнување на повредените. Истрагите за двете несреќи се во тек.