Турција ќе им помага на талибанците да го обезбедат аеродромот во Кабул

Талибанците рекоа дека ќе го обезбедат меѓународниот аеродром во Кабул по повлекувањето на американските сили од Авганистан.
Изјавата на портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, следеше по извештајот на веб-страницата на Middle East Eye во саботата дека Турција и Катар се блиску до договор со талибанците за управување со аеродромот и обезбедување безбедност на персоналот.
„Луѓето во Авганистан се многу чувствителни за присуството на силите на странските земји. Не сакаме чувствителноста (против Турција) да се зголеми дополнително“, рече Муџахид во неделата за „Еуроњуз“.
Middle East Eye, повикувајќи се на извори запознаени со ова прашање, наведува дека нацрт-договорот предвидува Турција да обезбедува безбедност на аеродромот преку приватна фирма, користејќи поранешни војници и полиција, поддржани од специјални сили во обична облека. Таа ќе управува со објектот во конзорциум со Катар.
Турција се обидува да го задржи и прошири своето место во Авганистан под талибанците што ќе ѝ помогне во понатамошното регионално влијание. Нејзините војници го обезбедуваа и управуваа со Меѓународниот аеродром во Кабул под поранешна мисија на НАТО во земјата, во неборбена улога.
„Сами ќе ја обезбедиме безбедноста на аеродромот во Кабул“, рече Муџахид. „Но, ако има технички, комерцијални и дипломатски прашања, секако дека ќе побараме помош од Турција“.
Ердоган се обиде да ја нагласи заедничката основа меѓу Турција и талибанците во однос на религијата, велејќи дека нивните погледи не се судираат и дека двете земји се братски нации.
Турција, исто така, се обидува да ѝ помогне на идната авганистанска влада, бидејќи се обидува да го спречи бегалскиот бран низ Иран. Ердоган се соочува со силен притисок од неговите политички противници за да спречи натамошен прилив на мигранти, откако речиси 4 милиони претежно сириски бегалци влегоа во земјата од почетокот на граѓанската војна таму пред една деценија.
Муџахид рече дека во тек се консултации за формирање влада со различни партии. Администрацијата ќе биде исламска, рече тој.
„Сега ќе се формира исламска влада и народот во Авганистан ќе ја врати својата независност. Народот на Авганистан, како нација, има право да живее удобно и ние ќе се стремиме да ја вратиме стабилноста“, рече Муџахид. (Ахвал)