Тркалезна маса „Европа е важна: Сега или никогаш“ во Брисел


Во организација на неформираната Фондација „Пријатели на Европа Жак Делор“ денеска во Брисел се одржува на тркалезна маса на високо ниво посветена на состојбата на Европа, насловена „Европа е важна: Сега или никогаш“.

– Во време кога општествените кризи се редат една по друга, а геополитичките предизвици се интензивираат, Европа е во опасност. Следните неколку години ќе бидат решавачки во обликувањето на иднината на Европа. Убедени сме дека постои итна потреба за подобро поврзување на доверливи и истомислечки партнери кои сакаат да ги здружат силите во потрага по холистички и одржливи решенија за општествените предизвици на Европа, се наведува во најавата на настанот.

На тркалезната маса е најавено учество на повеќе носители на одлуки од Брисел и цела Европа, меѓу кои и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, еврокомесарката за старт-апи, истражување и иновации Екатерина Захариева, поранешниот италијански премиер и автор на Извештајот за иднината на единствениот европски пазар Енрико Лета, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, вицепремиерите на Молдавија, Украина и Шпанија, Кристина Герасимов, Тарас Качка и Јоланда Дијаз, како и романската министерка за надворешни работи Оана Цоју.

Превидено е на тркалезната маса да се дебатира за изработка на „еден попаметен буџет“ на ЕУ, за начините како климатската акција да стане вистински двигател на работни места, иновации и безбедност, за одговорите на Унијата за геополитичките турбуленции на нашето време, за можностите за создавање веродостојна и обединета одбранбена стратегија на Европа, за обезбедувањето фер раст и за дилемата дали ЕУ може да биде лидер според свои услови или ќе остане реактивна на надворешни притисоци.

Фондација „Пријатели на Европа Жак Делор“ официјално беше формирана вчера со обединување на Институтите „Жак Делор“ со седишта во Париз, Берлин и Брисел и бриселскиот тинк-тенк „Пријателите на Европа“. Фондацијата е замислена како „прв вистински независен сеевропски тинк-тенк, комуникациска сила и платформа за ангажирање на граѓаните“.

Претседател на Управниот одбор на Фондацијата е поранешниот потпретседател на Европската комисија, Стиви Давињон, а меѓу неговите членови се и Енрико Лета, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и екс-бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел.